По повеќе од една година опозициско дејствување, во коалиција со Алијансата за Албанците, Алтернатива повторно е на чекор до владејачкото мнозинство, на кое му припаѓаше во периодот од мај 2018 година, кога партијата го доби министерското место во култура, при првата реконструкција на првиот кабинет на Заев
Премиерот денеска имаше набиена агенда, така што пред утрешните разговори со Гаши се сретна со австрискиот министер Линхарт, кому му соопштил дека не очекува предвремени избори во земјава, а имаше средба и со пратеникот Кастриот Реџепи
Утре попладне во Клубот на пратеници во Скопје ќе се реализира средбата на премиерот Зоран Заев и лидерот на досега опозициската Алтернатива, Африм Гаши.
Ден пред средбата, која се очекува веќе извесно време, откако Заев го покани Гаши на разговори, премиерот се сретна во Владата со фeдералниот министер за надворешни работи на Австрија, Михаел Линхарт, кој е во посета на Скопје. Притоа, Заев му посочил на Линхарт дека Владата има стабилно парламентарно мнозинство и дека очекува негово зголемување.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев истакнал дека не очекува да има предвремени парламентарни избори.
„Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори. Напротив – до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата“,
рекол Заев на средбата со Линхарт.
Шансите Алтернатива да се приклучи кон Владата на СДСМ, односно нејзините четворица пратеници да станат дел од мнозинството во Собранието, ги подгрева и пратеникот Скендер Реџепи. Во изјава за „Слободен печат“, тој вели дека начелно верува оти органите на партијата ќе одлучат Алтернатива да биде дел од Владата.
„Начелно верувам дека Алтернатива ќе биде дел од Владата. Разликите во партијата се истопија и очекувам органите на партијата да донесат одлука за влез во Владата, но сепак ќе почекаме до конечната одлука. Интеграцијата на земјава во ЕУ е приоритет пред уривањето на Владата. Верувам дека предност ќе дадеме на евроинтеграциските процеси, како и на остварувањето на програмата што Алтернатива која им ја вети на граѓаните и на нашите избирачи“,
вели Реџепи.
Тој вели дека досега немало понуда за министерски позиции.
Ако Беса влезе во владејачката коалиција, Владата би имала поддршка од 64 пратеници или двајца повеќе од досегашните 62, колку што броеше мнозинството пред Беса да одлучи да ја поддржи иницијативата за недоверба на кабинетот на својот коалициски партнер Заев.
До бројката од 64 пратеници се стигнува со најавите на пратеникот Кастриот Реџепи, кој досега ги бранеше боите на Беса, дека останува дел од мнозинството, откако неговото отсуство во Собранието оневозможи воопшто да се отвори расправа за иницијативата за недоверба на Владата.
Заев денеска имал средба со Кастриот Реџепи во Владата, при што, како што се соопштува, уште еднаш била потврдена заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, како определба на огромното мнозинство граѓани на нашата земја. Заев и Реџепи се согласиле дека во последните години државата и народот направија големи чекори за обезбедување сигурна и безбедна иднина, при што изразија уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Северна Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во парламентот.
Како што соопштија од Владата, двајцата соговорници се согласни дека односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Северна Македонија се братски, пријателски и другарски и дека сите политички чинители имаат и обврска и одговорност овие односи да ги негуваат и унапредуваат. На средбата биле споделени очекувања за конечно исполнување на ветувањата на ЕУ за одржување на првата меѓувладина конференција, со што би започнале преговорите за членство на нашата земја.
Претходно, шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека е неспорно ново стабилно мнозинство во парламентот и тоа, како што рече, очекува биде објавено наредната недела. Тој нагласи дека бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална, а дека се разговара и договара со сите политички партии за тоа како ќе се реализира мнозинството.
Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, изјави вчера дека новата влада ќе биде поголема и постабилна од таа што беше порано, односно дека ќе има стабилно парламентарно мнозинство, без оглед дали се тоа 64, 65 или 67 пратеници. Претходно, пак, Битиќи, од една страна, рече дека „наскоро ќе добиеме ’Заев три влада’, повторно предводена од Заев“, а од друга страна најави смена на шест до седум министри, што би можело да значи отворање на процедура како за избор на нова влада.
Според член 94 од Уставот, доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада. Ако се има предвид дека актуелната Влада брои 20 членови, заедно со Заев (од кои 12 се од СДСМ), смената на седум министри би повлекла постапка како за избор на нова Влада, со враќање на мандатот кај претседателот Стево Пендаровски, кој потоа би го дал на кандидат на партијата која ќе потврди дека има мнозинска поддршка во парламентот.
И додека Заев преговара за комплетирање на парламентарното мнозинство, кое падна под 61, и покрај тоа што не успеа тестот на доверба што го приготви опозицијата, во СДСМ стојат „замрзнати“ неговите оставки, и на чело на партијата и на премиерската функција.