Во дебата на „360 Степени“, аналитичарот Сашо Клековски, зборуваше за новата можност за постигнување согласност за решение на спорот за името, по средбата на премиерите на двете земји, Заев и Ципрас.
– За мене можеби многу поважно е кога ќе стапи во сила евентуалниот договор со Грција. Ние еднаш сме прејдени од Грците, или веројатно повеќе пати, но последниот пат со кршењето на Привремената спогодба. Ќе бидеме многу глупави, екстремно глупави, ако дозволиме по втор пат да бидеме прејдени. Како нема да бидеме прејдени? Со тоа што, евентуалниот договор, целосната примена на договорот влезе во сила на денот кога ќе станеме членка на ЕУ – рече Клековски.
Тој смета дека до почетокот на летото кое е поставено како рамка за решавање на името, секако нема време за спроведување на сите работи, дури тие и веќе да се договорени.
– Ако ние со Меморандум за добрососедство го договориме начинот на кој ќе биде направено сето тоа, може да настане членството во НАТО, што многу битно ќе влијае на евентуален исход на референдум во Македонија, бидејќи веќе ќе се покажува дека Грците покажуваат добра волја да не откочат во процесот. Меѓутоа, крајното, ако евентуално се договориме било што да чепкаме во Уставот, тоа не смее да стапи во сила пред да станеме членка на ЕУ. Грција ќе биде многу мотивирана да не поддржи на патот кон ЕУ, затоа што дента кога ќе станеме членка, би го промениле Уставот, евентуално, второ, се заштитуваме од можноста да го смениме името за џабе – рече Клековски.