Двајца кинески инженери кои се ангажирани да работат на изградбата на автопатот Кичево-Охрид синоќа пристигнаа во земјава, а поради заштита од коронавирусот се ставени во двенеделен карантин. Првите тестови покажале дека немаат симптоми на коронавирус, но ќе бидат изолирани 14 дена, согласно мерките за претпазливост што се преземаат за да се спречи ширењето на епидемијата.
„Со заштитна опрема заедно со двајца лаборанти од Одделението за вирусологија ги пречекавме двете лица на аеродромот во Скопје. Постапивме согласно сите критериуми за спроведување епидемиолошки надзор. Разговаравме за нивната здравствена состојба. Согласно протоколите, двете лица се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба во соодветна барака за изолација во кичевското село Извор.“
информираше епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Инженерите се ангажирани од кинеската компанија „Синохидро“ за изведба на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, а идната недела се очекува да пристигнат и други лица, кои ќе треба да ги поминат истите безбедносни протоколи.