„Мерките што ги презедовме се одговор на посетата на Тајван од страна на претседателката на Претставичкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси. Одговорот на Кина е оправдан и легитимен и претставува предупредување за поттикнувачи и поука за тајванските сепаратисти“, истакна портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин
Вежбите кои кинеската војска ги спроведува околу Тајван се за да ги предупреди САД и да им одржи лекција на „тајванските сепаратисти“, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.
„Мерките што ги презедовме се одговор на посетата на Тајван од страна на претседателката на Претставичкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси. Одговорот на Кина е оправдан и легитимен и претставува предупредување за поттикнувачи и поука за тајванските сепаратисти“,
истакна Ванг.
Тој подвлече оти постои само една Кина, чиј составен дел е и Тајван.
Претходно, министерот за надворешни работи на Владата во Тајпеј, Џозеф Ву изјави дека Кина ја искористила посетата на Пелоси за да започне големи воени маневри близу Тајван, со цел промена на статус кво во зоната на Тајванскиот теснец.
Кина ги започна воените вежби кои претставуваат најголемите воени маневри организирани околу Тајван, кој кинеските власти го сметаат за своја територија, откако претседателката на Претставичкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси го посети овој остров.
Освен што започна воени маневри околу Тајван, Кина одлучи да ја санкционира Ненси Пелоси и нејзиното потесно семејство како одговор на нејзините „злобни“ и „провокативни“ дејства, мислејќи притоа на нејзината посета на Тајван и покрај цврстото противење на Кина и јасно искажаното предупредување оти нејзината посета ќе се сфати како провокација.