Одлуката на кинеските власти следи по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, и покрај претходно јасно искажаното предупредување оти нејзината посета ќе се сфати како провокација, бидејќи официјален Пекинг островот го смета за составен дел на својата територија, а официјален Вашингтон официјално ја поддржува политиката на „една Кина“
Кина одлучи да ја санкционира претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси и нејзиното потесно семејство како одговор на нејзините „злобни“ и „провокативни“ дејства, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, јавува Ројтерс.
„И покрај сериозната загриженост на Кина и цврстото противење, Пелоси инсистираше на посета на Тајван, сериозно мешање во внатрешните работи на Кина, поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, газење на политиката на ‘една Кина’ и загрозување на мирот и стабилноста на Тајванскиот Теснец“,
се вели во соопштението на портпаролот на Министерството.
Одлуката на кинеските власти следи по посетата на Пелоси на Тајван, и покрај претходно јасно искажаното предупредување оти нејзината посета ќе се сфати како провокација, бидејќи официјален Пекинг островот го смета за составен дел на својата територија, а официјален Вашингтон официјално ја поддржува политиката на „една Кина“.
Пелоси за време на престојот во Тајван порача дека САД ќе го поддржуваат Тајван со кој управува демократска власт, но и кој живее под постојана закана од инвазија од кинеската војска. Пекинг, пак, се противи на какви било дипломатски контакти на тајванските власти со други држави.
Откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, замина од Тајван, Кина започна воени вежби околу Тајван кои претставуваат најголемите воени маневри организирани околу овој остров што кинеските власти го сметаат за своја територија.
Воените вежби кои официјален Пекинг ги започна во околината на Тајван наидоа на осуда од Европската Унија и министрите за надворешни работи на земјите од Г7.
Европската Унија апелираше тензиите околу посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван да се решат со дијалог и каналите за комуникација со Кина да останат отворени, за да се избегне „опасноста што може да произлезе од погрешна проценка“.
Портпаролот на ЕУ изјави дека „ЕУ јасно го поддржува политичкиот принцип на една Кина, признавајќи ја владата на Народна Република Кина како единствена легална влада на таа земја, а во исто време се стреми кон пријателски односи и блиска соработка со Тајван“.
Министрите за надворешни работи на земјите од Г7, пак, во својата реакција на потезите кои Кина ги презема, оценија дека нема оправдување за користење на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван за „агресивна воена активност“ во Тајванскиот Теснец.
Тие во заедничко соопштение изразуваат загриженост и ја повикуваат Кина да не ја менува статус кво состојбата во регионот.
Во меѓувреме, Кина денеска соопшти дека ги повикала европските амбасадори во Пекинг на состанок во знак на протест против изјавите на групата Г7 и Европската Унија со кои се критикуваат кинеските вежби над Тајван.