Само еден ден по завршувањето на најголемите воени вежби на кинеската армија во морето и воздушниот простор околу Тајван во знак на протест против минатонеделната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси на Тајван, Пекинг најавува нови маневри во областа.
Командата на Кинеската народноослободителна армија соопшти дека ќе спроведе заеднички вежби фокусирани на противподморнички операции и напади од отворено море. Пекинг втор ден ги продолжува вежбите околу Тајва, а времетраењето и прецизната локација на најновите вежби сè уште не се познати.
Посетата на Ненси Пелоси на Тајван минатата недела ја налути Кина која за прв пат одговори со пробно лансирање балистички ракети над Тајван.
Покрај истрелувањето на 11 балистички ракети со краток дострел за време на четиридневните вежби, кинески воени бродови, борбени авиони и беспилотни летала интензивно маневрираа околу островот.
Кина вчера требаше да заврши со спорните воени вежби околу Тајван. Војската на Тајван објави дека 20 кинески воени авиони и 14 воени бродови учествувале во вежбите во саботата, а кинеските безпилотни летала повторно биле забележани над островот Кинмен, кој е под управа на Тајван.