Американскиот државен секретар Мајк Помпео побара меѓународен надзор над кинеските лаборатории, вклучувајќи ја и таа во Вухан за која САД се сомневаат дека е извор на новиот коронавирус
Кина го отфрли повикот на американскиот државен секретар Мајк Помпео, на меѓународни инспектори да им овозможи пристап до лаборатории за да се осигураат дека опасни патогени микроорганизми, како што е коронавирусот, не се случајно ослободени, објави Фокс њуз.
„Секој што е објективен ќе види дека некои американски политичари промовирале лаги, кои ги дискредитираат напорите на Кина да се бори против пандемијата, да ги збуни луѓето и да се оддалечи од фактот дека не ги исполниле своите одговорности во борбата против епидемијата“,
изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.
Претходно, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, повика да се изврши инспекција во Институтот за вирусологија во Вухан и други лаборатории, кои, според Фокс њуз, анализирале коронавирус и други патогени.
САД истражуваат дали новиот вирус случајно бил ослободен од оваа лабораторија.

„Вашингтон пост“ минатата недела објави дека претставници за национална безбедност во администрацијата Трамп долго време се сомневаат во истражувачки капацитети во Вухан, како извор на коронавирусот.
Франција, која е еден од основачите на лабораторијата, преку кабинетот на претседателот Емануел Макрон, соопшти дека засега нема докази за поврзаност меѓу новиот коронавирус и работата на оваа лабораторија.
Се работи за истражувачки центар за чие основање во 2004 година, Франција потпиша договор со Кина за истражување заразни болести, со највисоки безбедносни стандарди, опремена за справување со патогени од класа 4 (П4) – опасни вируси кои претставуваат голем ризик од пренесување од човек на човек, како што е ебола.
Според веб-страницата, таа е најголемата банка за вируси во Азија, каде се истражуваат повеќе од 1.500 видови.
За основање на оваа лабораторија вложени се 42 милиони американски долари, која беше завршена во 2015 година, а конечно беше отворена во 2018 година. Како консултант во нејзиното основање се јавува Ален Мериукс, сопственик на француска биоиндустриска компанија.
Се простира на површина од 3 000 квадратни метри и е сместена во подножјето на ридот на периферијата на Вухан, град во кој живеат 11 милиони луѓе.
Ваквите сомнежи се појавуваат во време на силна меѓународна критика кон Кина дека ги прикривала вистинските податоци за обемот на епидемијата во земјата.
И СЗО се најде под засилени критики поради тоа што не се посомневала во информациите што доаѓаат од Кина. Најконкретни беа критиките од САД, каде претседателот Трамп побара привремено запирање на финансиските средства за оваа меѓународна организација.
*Поврзана вест
Политико: Ковид-19 и критиките на Трамп – каде погрешија Кина и СЗО?