„Кина, со нејзините блиски односи со Русија, кои беа потврдени во последните денови со неодамнешната посета на кинескиот претседател на Москва, може да одигра важна улога во решавањето на конфликтот. Затоа е неопходен дијалог со властите во Пекинг“, рече францускиот претседател на средба со француската заедница во Пекинг пред неговата утрешна средба со кинескиот претседател Си Ѓинпинг
Кина има водечка улога во изнаоѓањето начин за мир во Украина, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон за време на собирот со француската заедница во Пекинг, каде што од денеска е во тридневна посета. Додаде дека Франција ќе се обиде да соработува со Кина „за заедничка одговорност за мирот и стабилноста“ во Украина.
„Кина, со нејзините блиски односи со Русија, кои беа потврдени во последните денови со неодамнешната посета на кинескиот претседател на Москва, може да одигра важна улога во решавањето на конфликтот. Затоа е неопходен дијалог со властите во Пекинг“,
рече Макрон, истакнувајќи го категоричното противење на Пекинг за употребата на нуклеарно оружје во Украина, како и предлогот за мир меѓу Киев и Москва.

Прашан за загриженоста на Западот дека Пекинг би можел да размисли за испраќање оружје во Москва, Макрон рече дека секоја земја што ќе го стори тоа ќе биде соучесник во кршењето на меѓународното право.
„Од почетокот на конфликтот решивме да ѝ помогнеме на жртвата, а исто така јасно ставивме до знаење дека секој што ќе му помогне на агресорот ќе биде соучесник во кршењето на меѓународното право“,
истакна Макрон за време на говорот пред француската заедница во Кина, во амбасадата на Франција во Пекинг.
Францускиот претседател нагласи дека Европа не смее да се одвои од Кина и мора да се спротивстави на евентуално намалување на трговските или дипломатските врски со оваа земја.
Посетата на Макрон на Кина ќе трае од 5 до 8 април и е трета по ред откако тој стана претседател на Франција и прва по неговиот втор претседателски мандат.
Пред неговото патување во Кина, Макрон разговараше со американскиот претседател Џозеф Бајден за обидот да го ангажира кинескиот претседател да го забрза крајот на војната во Украина.
Макрон утре ќе има разговори со својот кинески колега Си Ѓинпинг, на кои ќе учествува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.