Во заедничката изјава на годишниот самит во Вашингтон, НАТО рече дека Пекинг со големата поддршка за руската одбранбена база ја зголемува заканата што Русија може да ја има кон нејзините соседи и за евроатлантската безбедност
Кина денеска упати критика кон НАТО дека ја оцрнува земјата поради обвинувањата на Алијансата дека Пекинг е клучен овозможувач на руската агресија кон Украина, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Лидерите на земјите членки на НАТО побараа од Кина да прекине со секаква материјална и политичка поддршка на руските воени сили.
Во заедничката изјава на годишниот самит во Вашингтон, НАТО рече дека Пекинг со големата поддршка за руската одбранбена база ја зголемува заканата што Русија може да ја има кон нејзините соседи и за евроатлантската безбедност.
Според кинеските власти, поднесени се претставки до НАТО во врска со обвинувањата, кои ги нарекле провокативни со очигледни лаги и оцрнувања.
Кинеската мисија во ЕУ соопшти дека Пекинг бара политичко решение за војната во Украина и никогаш не обезбедил смртоносно оружје на ниту една од страните во конфликтот посочувајќи дека трговскиот тек што Кина го има со Русија не треба да биде предмет на прекин или на принуда.
„Алијансата треба да остане надвор од Азија, која е место за мирен развој, а не место за борба за геополитички натпревар. НАТО не треба да стане нарушувач на мирот и стабилноста во Азија-Пацификот или алатка што ја користат одредени големи сили за одржување на хегемонијата“,
посочиле кинеските власти.
Ваквата реторика од страна на Кина доаѓа и откако Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд се приклучија на самитот на НАТО, практика што започна по нападот на Русија врз Украина во 2022 година.
НАТО официјално се обврза да обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година, стои во заклучната декларација усвоена од шефовите на државите и владите на земјите членки на Алијансата на состанокот во Вашингтон.