Вчера во земјата се забележани 31 527 случаи, повеќе од бројот на заразени за време на врвот во април, кога во еден ден беа регистрирани 28 000 случаи. Новиот бран на ширење на коронавирусот во Кина доаѓа и покрај строгите мерки на властите, кои вклучуваат карантин и затворање цели квартови и градови, што предизвикува и немир кај обичните луѓе
Кина изминатите денови бележи најголем број на дневни случаи на заболени од ковид-19 од почетокот на пандемијата, и покрај строгите мерки што ги преземаат властите на земјата за искоренување на вирусот.
Голем број новозаразени се регистрирани во неколку големи града во Кина, меѓу кои се и главниот град на земјата, Пекинг и во Гуанжу на југот на земјата, кој е еден од најголемите економски центри на Кина, пишува Би-би-си.

Вчера во земјата се забележани 31 527 случаи, повеќе од бројот на заразени за време на врвот во април, кога во еден ден беа регистрирани 28 000 случаи.
Новиот бран на ширење на корона вирусот во Кина доаѓа и покрај строгите мерки на властите, кои вклучуваат карантин и затворање цели квартови и градови, што предизвикува и немир кај обичните луѓе.
Политиката на Кина за нулта ковид спаси голем број животи во земјата со 1,4 милијарда луѓе, но ѝ нанесе сериозен удар на економијата и животите на обичните луѓе.
Сепак, зголемениот бран на позитивни случаи доаѓа неколку недели откако земјата повлече дел од ограничувањата за ковид-19.
Кинеските власти го намалија карантинот за блиски контакти од седум дена во државна установа на пет дена и три дена дома и престанаа да ги регистрираат секундарните контакти што им овозможи на многу повеќе луѓе да избегнат карантин.
Официјалните лица, исто така, се обидоа да избегнат спроведување сеопфатен карантин, како што претрпе Шангај претходно оваа година.
Но, соочени со новиот пораст на случаи во Пекинг, како и со првите смртни случаи од вирусот по неколку месеци, официјалните лица веќе спроведоа нови ограничувања во неколку области, поради што се затворени продавниците, училиштата и рестораните.
Централниот град Женгжу од утре, исто така, ќе спроведе ефективен карантин за 6 милиони жители, објавија официјални лица.
Инаку, како што пренесува британскиот национален сервис, во кинеската јавноста почнале да кружат сведоштва на луѓе за последиците и страдањата што ги преживуваат поради масовните ограничувања на движењето поврзани со ковид-19, што поттикна незадоволство во јавноста.
Извештаите од минатата недела дека едно бебе во Женгжу починало затоа што нејзината медицинска нега била одложена поради ограничувањата предизвика огромен бран негодување и револт во земјата.
Кина е последната голема економија која сè уште спроведува процес на искоренување на ковид со масовно тестирање и правила за заклучување.
Сепак, нови случаи на заразени во вирусот сега се регистрирани во 31 провинција.
Претседателот Си Ѓинпинг рече дека се потребни строги ограничувања за да се заштити големата повозрасна популација во земјата. Нивоата на вакцинација се пониски од другите развиени нации, а само половина од луѓето на возраст над 80 години ја имаат примено примарната вакцина.
Додека Кина сега забележува зголемување на инфекциите, стапката е сè уште далеку пониска од многу други напредни економии.
Официјалниот број на починати од ковид-19 во Кина остана низок на нешто повеќе од 5 200 смртни случаи од почетокот на пандемијата.
Тоа е еднакво на три смртни случаи од ковид на еден милион жители во Кина, споредено со 3 000 на еден милион во САД и 2 400 на еден милион во Велика Британија.