Зоран Милески – Кичеец кој беше третообвинет во предметот „Рекет“ на 12 октомври треба да се пријави во затвор да ја отслужи тригодишната затворска казна.
Тој го добил упатниот акт од Основниот кривичен суд во Скопје од каде потврдуваат дека тој на овој датум треба да се пријави на затворската капија.

Кичеец е осуден за делото примање наградата за противзаконито влијание.
На 3 декември 2019, тој заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева седна на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје, да одговара за обвинението според кое од бизнисменот Орце Камчев биле барани пари за да му се олесни положбата во случајот „Империја“ каде е осомничен.
Но, уште на првото рочиште Милески, кој важи за близок човек на Камчев, призна вина, а неговите адвокати тогаш рекоа дека тој во овој случај можел да биде и сведок.

„Како одбрана, а исто и обвинетиот, се соочивме со една ситуација во која обвинетиот имал шанса како сведок да го избегне обвинението. Но, дали од незнаење, дали поради случувањата, не знам, тој се довел во ситуација да биде обвинето лице“,
рече тогаш адвокатот Александар Новаковски.
Еден ден по признавањето на вина, судијката Васка Николовска-Масевска му ја изрече затворската казна од три години.
Кичеец и неговата одбрана се жалеа до Апелациониот суд за висината на казната, но оттаму пред десетина дена соопштија дека ја потврдиле пресудата во однос на затворската казна, а го вратиле случајот на повторно одлучување пред првостепениот суд во однос на одземените предмети (рачни часовници, лаптопи, мобилни телефони итн).
Откако второстепениот суд ја потврди казната и таа стана правосилна, се чекаше одлуката да пристигне и во Кривичен од каде го подготвија и го испратија упатниот акт за тој да се јави во затвор на 12 октомври.
Сепак, Кичеец нема да помине три години во затвор бидејќи во пресметувањето на затворската казна ќе влезе и периодот кој тој го помина во притвор во Шутка, а потоа и во домашен притвор.
Тој беше уапсен на границата со Грција во друштво на првообвинетиот Боки 13, на 15 јули 2019 година. И двајцата завршија во Шутка. Милески остана таму нешто повеќе од два месеци, кога на 24 септември беше објавено дека е пуштен во домашен притвор.
Мерката домашен притвор му траеше до почетокот на април годинава, кога неговиот адвокат потврди дека со понудена гаранција од околу 240 000 мерката е укината.
Без да каже прецизен датум, адвокатот Новаковски на 17 април изјави дека неговиот клиент бил пуштен пред околу две недели што значи на почетокот на април.
Ова значи дека од тригодишната затворска казна, Кичеец во периодот од 15 јули 2019 до почетокот на април 2020 отслужил осум месеци и му преостануваат околу 2 години и 4 месеци.

Другите двајца обвинети во предметот „Рекет“, не признаа вина и на нив им се судеше во редовна постапка. Од првостепениот суд Бојан Јовановски – Боки 13 доби 9 години затворска казна за делата перење пари и примање награда за противзаконито влијание, а Катица Јанева доби 7 години затвор за злоупотреба на службената положба. Пресудата за нив сè уште не е правосилна.