Зоран Милески-Кичеец еден од осудените во случајот „Рекет“ денеска бил повикан на информативен разговор во полициската станица Карпош за аудиоснимките кои се појавија на Јутјуб изминатите денови, а на кои се слуша неговиот глас.
Од МВР за „Макфакс“ потврдиле дека Милески дошол на разговор заедно со адвок и по исказот заминал.
„Од страна на МВР му беше доставена покана да се јави на информативен разговор денеска во полициската станица Карпош, по член 276 од ЗКП,а во врска со објавени аудио-снимки на социјалните мрежи. З.М денеска дојде во ПС Карпош заедно со својот адвокат и врз основa на неговиот исказ ќе биде сочинето известување до ОЈО“,
велат од МВР за „Макфакс“.
Од 20 јуни до 29 јуни на повеќе канали на Јутјуб (Али Баба Тредичи, Добар човек, Лепливи раце) се појавија аудиоснимки на кои се слуша гласот на Кичеец во разговори со адвокатото Васил Димишков, со Бојан Јовановски, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Слободанка Алексовска, поранешна вработена во „Систина“ и со црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ.
Во една од нив објавена пред неколку дена се споменуваше Сашо Мијалков за финансирање на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ во јуни 2018.
За аудиоснимката со Давидовиќ, а во која се споменуваат екс премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, се огласи и самиот црногорски бизнисмен нарекувајќи ги неточни и злонамерни написите објавени во македонските медиуми.
Во мај годинава на каналот Јутјуб на корисник со име „Facts and Figures“ се појави аудиоснимка на разговор меѓу Кичеец и Мицкоски на која договарале соработка за избори, на која се слуша и женски глас, кој најверојатно е на Слободанка Алексовска, ексдиректорка на Центарот за вработување во Скопје и актуелна директорка за човечки ресурси во „Аџибадем Систина“.
И Милески и Мицкоски ја потврдија автентичноста на снимката.
