Познатиот американски синџир ресторани „Кентаки фрајд чикен“ (КФЦ) привремено ќе го повлече долгогодишниот слоган „Добро е, прсти да излижеш“ (It’s Finger Lickin’ Good), затоа што процениле дека тој е несоодветен во време на пандемијата на коронавирусот.

Отсега тој ќе гласи само: „Добро е“.

Раководството на оваа американска компанија смета дека на овој начин ќе придонесе во борбата против пандемијата, во која личната хигиена е приоритет.
„Во време кога ни кажуваат дека мора да носиме заштитни маски и често да ги миеме рацете, додека здравствените работници препорачуваат да не го допираме лицето, раководството на КФЦ одлучи дека овој стар, добро познат слоган веќе не звучи соодветно“,
се вели во известувањето од компанијата.
Слоганот, кој Џем Брендс – сопственикот на брендот – го користи веќе 64 години, ќе биде повлечен в понеделник низ целиот свет и ќе се користи повторно дури кога ќе биде соодветно време, нагласуваат од компанијата.