Мицкоски отфрла непотребно иритирање на соседите, но напоменува дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како иден мандатар најавува принципиелна политика кон соседите, преку принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“. На одбележувањето на годишнината од Разловечкото востание, Мицкоски порача дека не треба да се прават избрзани чекори кои може многу да чинат.
„Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои верувајте, не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу туку и дома“,
кажа Мицкоски.

Фото: Фејсбук
Мицкоски отфрла непотребно иритирање на соседите, но напоменува дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.
„Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон, преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и оваа преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници,“
додава Мицкоски.