Министерот за здравство најавува максимално ангажирање во вакви случаи

Третманот на младиот Леонид Индов во нашата држава ќе биде следен, но дополнително ќе се одлучува како, вели министерот за здравство Арбен Таравари. Тој денеска потврди дека утрово потпишал за враќањето на Индов во Скопје и дека со одлука на Владата, сè било организирано.
„Понатаму ќе видиме каков ќе биде третманот. И како Министерство за здравство и како Влада ќе бидеме максимално ангажирани во вакви случаи“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарско прашање.
Леонид Индов вчера доцна попладне со медикоптер е вратен во Скопје по неговото лекување во Виена и е во ГОБ „8 Септември“. Транспортот бил со хеликоптерот на МВР, во кој има специфична медицинска опрема, а во леталото бил присутен и медицински персонал.
Барањето за транспортот назад да биде со медикоптер до Центарот за управување со кризи (ЦУК) на 10 јули го упатил таткото на Леонид, на што било позитивно одговорено по координација помеѓу министерствата за внатрешни работи и за здравство.
„360 степени“ денеска се обиде да стапи во контакт со таткото на Леонид за да ни каже каква е состојбата со момчето по неговото лекување во Виена. Но, поради преголема ангажираност околу Леонид, таткото не можеше да одговори.
Индов на 6 февруари беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи.
Две недели подоцна стигна веста дека Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделуваше повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.