Возилата, како што рече вицепремиерот и министер за транспорт, ќе бидат од различен тип, а нивната намена ќе биде подобрување на состојбите со хигиената во Град Скопје и останатите општини. Набавката ќе се спроведе со поддршка од Светската банка
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска најави дека ќе бидат набавени возила и опрема за одржување на хигиената низ општините во вредност од 4,2 милиони евра. Ова, како што рече, е најголема поддршка досега од Владата за општините во насока на подобрување на состојбата со хигиената.

Возилата, како што рече Николоски на прес-конференцијата со градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ќе бидат од различен тип, а нивната намена ќе биде подобрување на состојбите со хигиената во Град Скопје и останатите општини. Набавката ќе се спроведе со поддршка од Светската банка.
„Се купуваат 17 мултифункционални возила за урбано одржување хигиена со вкупна вредност од 1,5 милиони евра, три мултифункционални возила за урбано одржување хигиена со соодветни механизми со вредност од 283 илјади евра, девет специјализирани камиони што се во вредност од 982 илјади евра, 21 машина за чистење улици во вредност од 1,3 милиони евра“,
рече Николоски повторувајќи дека ова е најголем инвестициски циклус во општините.
Тој додаде дека е разговарано со Светска банка и дека нивната мисија е насочена кон нови проекти што ќе бидат во насока на подобрување на состојбата во општините и други проекти на кои ќе се работи дополнително.
