Заев рече дека допрва ќе носи одлуки за тоа кои ќе бидат советници во новиот кабинет
Премиерот Зоран Заев најави дека Деловникот за работа на Владата ќе биде сменет на денешната или на владината седница в четврток за да се прецизираат надлежностите на првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, и тројцата вицепремиери.
„Во тоа треба да направиме точно разграничување дека во отсуство на премиерот, првиот заменик-претседател на Владата го заменува во делокругот на надлежностите, но секој од замениците претседатели на Владата е одговорен во одредена област, односно трите столбни комисии на Владата ќе ги водат токму трите потпретседатели на Владата. Комисијата за политички систем ќе ја води првиот заменик-претседател на Владата, Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој ќе ја води потпретседателот Љупчо Николовски и Комисијата за економски систем ќе ја води потпретседателот Фатмир Битиќи“,
рече Заев.
Позицијата прв вицепремиер беше договорена во рамки на разговорите на Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и таа му припадна на Артан Груби, како министер во новиот ресор за политички систем, кој беше формиран минатата година, наместо Секретаријатот за Рамковен договор.
Покрај прв вицепремиер, во оваа влада првпат се воведува и позиција вицепремиерско место за спречување корупција и за одржлив развој и човечки ресурси. Таа функција ќе ја извршува Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ, кој е избран во парламентот како министер без ресор.
На новинарско прашање, Заев рече дека засега нема назначено ниту еден советник.
„Следува процес на консултации со луѓето и екипирање на институциите – заменици, државни секретари и паралелно се поставува и кабинетот на советници на премиерот. Немам донесено одлуки. Допрва ќе ги донесам одлуките и ќе ги соопштам“,
изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на една година од основањето на Агенцијата за национална безбедност.
Заев најави дека на денешната владина седница ќе се расправа за градинките и за прашањето за платите во културата, а најверојатно ќе се задолжи економскиот тим на Владата да започне со постапките за новите антикризни мерки.