Обвинети се двајцата тогашни директори на тетовската болница, еден доктор, како и Клиничката болница која се гони како правно лице

Додека во кругот на тетовската болница се расчистуваат остатоците од пеплосаната модуларна болница, денеска во Основниот суд во Тетово ќе има четврти обид да почне судењето за овој пожар што се случи на 8 септември 2021 година во која 14 луѓе ги загубија животите, а имаше и десетина повредени лица.
На претходното рочиште на 8 ноември судијата Јордан Велковски судењето го одложи за денеска (7 декември) затоа што еден од обвинетите немаше адвокат бранител. Судијата информираше дека доколку не обезбеди адвокат за нареден пат ќе мора да почне главната расправа и без присуство на бранител на обвинетиот.
По десетмесечната истрага почетокот на судењето првично беше закажано за 6 септември 2022. Тогаш се одложи за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите. На 14 октомври беше одложено 8 ноември поради тоа што двајца од обвинетите немаа адвокати.
На обвинителна клупа во случајот седат директорите на тетовската болница Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески. Како правно лице обвинета е и Клиничка болница Тетово.
Тетовското обвинителство ги гони двајцата директори Бесими и Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност, а докторот Вучески за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово, пак, се товари за делата предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.