Монасите од Бигорски посочуваат дека токму нивниот игумен, а и тие самите заедно со манастирот, повеќе од две години биле цел на напади и закани од лицата кои сега се сомничат за убиствата
Бигорскиот манастир при Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), во реакција за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, ја потсетува јавноста на состојбите што му претходеле на овој настан, посочувајќи дека вината за трагедијата лежи токму во ерозијата на општеството.
Оттаму велат дека со години наназад биле мета на напади на осомничените, но напоменуваат и дека тие луѓе добивале поддршка од високи претставници на МПЦ-ОА.
„Прашањето за одговорност не треба да ги насочуваме со прст кон никого посебно, туку одговорноста паѓа, повеќе или помалку, врз сите нас. Сите сме одговорни за ерозијата на општеството. Затоа, најдобро е сите да почнеме од поправањето на самите себе“,
порачува монашкото братство на Бигорскиот манастир во обраќањето објавено на веб-страницата на манастирот.

Монасите од Бигорски посочуваат дека токму нивниот игумен, а и тие самите заедно со манастирот, повеќе од две години биле цел на напади и закани од лицата кои сега се сомничат за убиствата.
„Една од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години беше токму нашиот старец и духовен татко, владиката г. Партениј, а преку него и целата наша монашка заедница, како и некои луѓе, наши пријатели, браќа и сестри. Какви ли само навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење. И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество“,
посочуваат оттаму.

Велат дека осомничените цело време имале поддршка од луѓе од високиот клир на МПЦ-ОА.
„Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив или, едноставно, ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество? Ќе дозволиме ли одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачуваа напади, што ја потпалуваа атмосферата, што во лукава притаеност мотивираа? Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои ’верници’, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па, дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за ’спасување’ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг“,
велат од Бигорски.
Од манастирот посочуваат и дека на општеството одамна му треба реформа на вредностите, поточно враќање кон вредностите.
„Да почнеме отсега, зашто вредни ни се животите на нашите деца и на секој поединец“,
се вели во реакцијата од Бигорскиот манастир.