Како и при давањето на заклетвата, Силјановска-Давкова во својот инаугуративен говор, кога ја споменуваше земјата, употребуваше ‘Македонија’
Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова, ни по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам сè за да ја оправдам, рече новата претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова во својот инаугуративен говор пред пратениците и гостите денеска во пленарната сала на Собранието.
Таа говорот им го посвети на жените, заради кои, како што рече, се нафатила да се кандидира за функцијата и да ги инспирира оние што не толку често на Западниот Балкан се претседателки на држави.
Време е за единство, порача таа, бидејќи, како што додаде, единството може да значи и женска филозофија, женска автентичност.
„Среќна сум што деновиве првите честитки дојдоа од жени. Имав телефонски разговор со претседателката на Словенија, роденденот, нема да верувате, го поминав со амбасадорката на Соединетите Американски Држави (Анџела Агелер), исто така, со еден женски разговор. Тоа се нешта кои во животот ќе ги носам со себе. Зошто сакам да го посветам овој говор на жените? Прво, во ова Собрание јас законите ќе ги читам и ќе се обидам да укажам на женски начин дека не мора да дојде до вето, дека можеме да направиме преку обраќањето некои корекции. Исто така, кога ќе именувам или предлагам членови на Судскиот совет или на Уставниот суд или на кој било орган, се разбира, ќе тргнувам од стручноста и компетентноста затоа што жените се таму на виситнските места, но за жал ги нема во политиката и јас затоа сум среќна што ќе инспирирам други жени. Ако можам јас да бидам претседателка, можете да бидете и вие, запомнете“,
рече претседаталката на државата Силјановска-Давкова.
Говорејќи во тој контекст, таа рече дека оваа држава не ја бранеле и не ја имаме само благодарение на комитите, туку и на комитките, спомнувајќи ја Сирма Војвотка.
„Оваа земја ја имаме не само заради партизаните, туку и заради партизанките – Вера Циривири, Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, значи на 16-годишна возраст и тие стекнувале избирачко право“,
додаде таа.
Порача дека првиот и основен критериум за дружење со неа, притоа мислејќи на составот на нејзниот кабинет, ќе бидат стручноста и компетентноста, „па потоа која било друга припадност“.
„Мислам дека само така жените ќе имаат предност. Зошто? Затоа што досега не им беше дадена. Затоа јас имам посебна обврска, кон кого, кон мажите – ние мораме не само да ја феминизираме политиката, туку исто така да им помогнеме на мажите. Да сфатат дека не смееме да се откажуваме од 50 проценти знаење, ум, енергија, креација, убавина. Никој нема право да го прави тоа. И постојано велам дека треба да го следиме ритамот на природата, таа е совршен креатор, хармонизира. Јас не го знам соодносот на жените и мажите во следниот пратенички состав, но многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 проценти. Не случајно држава е во женски род, политика е во женски род, демократија е во женски род, Македонија е во женски род. Помогнете им, пратеници, витези, на жените да го изразат тоа што го имаат, а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека тоа ќе го направам и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија, како што и јас сум на мојот народ како збир на индивидуи и граѓани и мислам дека така ќе помогнеме и да се европеизираме и да ги надминеме балканските поделби и делби. Никогаш не ни било потребно поголемо единство“,
рече Силјановска-Давкова.
Таа во својот говор рече оти нејзините зборови се во битка со емоциите, бидејќи не можела да замисли и не верувала дека ќе ја добие довербата од над 560 000 граѓани.
Единствениот човек кој тврдел дека тоа ќе се случи, како што кажа, бил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Јас одговарав дека тоа не е можно, но тој тврдеше дека не е како мене професор по уставно право, туку дека е математичар и дека тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и меѓу емоциите“,
рече новата претседателка на државата.
Таа кажа дека некој може ќе ѝ замери што го спомнала Мицкоски, додавајќи дека сака да го спомене и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој беше присутен на инаугуративната седница.
„И тој се одважи да ми се јави, не само на Фејсбук да ми посака добре дојде и успешна работа, туку да поразговараме. Затоа мислам дека со нас жените ќе се менувате и вие, мажите политичари, и Македонија ќе стане едно пристојно место за соживот на сите. Искористете го умот, искористете го, не заборавајте ги“,
рече таа.
На крајот од својот говор, претседателката Силјановска-Давкова порача дека владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава.
„Владеење на правото, не владеење на малкумина, не владеење на неколку мажи. Мислам дека ќе ми помогнете, а и јас вам“,
рече новоизбраната претседателката на државата.