Законските измени, меѓу другото, предвидуваат објектите за игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, а од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа прашуваат како навистина младите се заштитени – сега кога игрите на среќа се на легален начин или во случај кога ќе се донесе законот и игрите ќе се организираат на црно, а државата ќе нема никаква контрола

Пратениците да не ги прифаќаат предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, истите да се повлечат од Собранието и да има широка дебата за ова, побараа денеска претставниците на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Асоцијацијата на спортски обложувачници (АСОМ). Во спротивно, како што најавија, ќе организираат масовни протести.
Законските измени се на дневен ред на денешната пленарна седница, тие се поднесени со европско знаменце, а од АПИС сметаат дека покрај тоа што се злоупотребува овој инструмент, измените се и противуставни. Горан Стоименов од АПИС побара пратениците да не наседнуваат на, како што рече, лажниот популизам.
Ако се донесат измените, повторија, ќе се затворат многу работни места.
„На совест на сите пратеници се оставени судбините на 10 илјади семејства кои доколку се изгласаат овие измени, ќе бидат принудени во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата дејност при игри на среќа. Тука работат обични луѓе, меѓу кои родители на малолетни деца, кои чесно си ги заработуваат своите плати и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава“,
рече Стоименов.
Предложените измени меѓу другото, предвидуваат просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.
Меѓутоа, од АПИС не сметаат дека вака ќе се заштитат младите.
„Кога младите се заштитени? Сега кога игрите на среќа се на легален начин или кога ќе се организираат на црно и државата ќе нема никаква контрола? Доколку овие законски измени не се повлечат, и низ една широка општествена јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение, кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести“,
рече Стоименов.
Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, исто како Стоименов, оцени дека предложените измени се неевропски, неуставни и монополски и порача дека нема да седат со скрстени раце.
„Испраќаме порака дека нема мирно да седиме и да гледаме како државата го носи најдеструктивниот закон во историјата, кој ќе предизвика затворање на легалната индустрија на игри на среќа и на широки врата ќе се отвори простор за сива економија и за криминалот. Тоа е така бидејќи се неприфатливи законските измени, кои предлагаат дислокација на нашите објекти, забрана за приредување на интернет игрите на среќа, зголемување на давачките и надоместоците, како и измени на Законот кои задираат во веќе постоечки лиценци, кои ќе значат колапс на целата стопанска дејност“,
рече Илијевски.
Според него, предлог-законот е направен без никакви анализи, истражувања, користења на факти и аргументи, со тенденциозно избегнување на дебатата, преку злоупотреба на европското знаменце.
Меѓу целите на предложените измени покрај оддалечување на објектите од училиштата, од Владата претходно ја посочија и потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа. Исто така, се предвидува и зголемување на надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.
ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на денешната собраниска седница најави дека ќе побара предлог-измените да се тргнат од дневен ред нагласувајќи дека власта го злоупотребува европското знаменце.
Пратеникот Миле Лефков, повикувајќи се на информации од свиркачи, рече и дека законските измени ги пишувал еден вицепремиер со цел лично да го зголеми своето богатство. Тука, го обвини Артан Груби дека претходно се обидел да протне формирање паралелна државна видеолотарија, но откако тоа било спречено од ВМРО-ДПМНЕ сега се обидува на ваков начин да ја оствари целта.
За законските измени, Георг Вуцас, амбасадорот на Австрија – земја од каде доаѓаат едни од најголемите приредувачи на игри на среќа во земјава „Casinos Austria International“ и „Novomatik“, неодамна во необично писмо укажуваше на несоодветна употреба на европското знаменце, но исто така содржеше и многу повеќе констатации и директни сугестии, па дури и оценки за уставноста на предлог-измените. Вуцас отворено побара да се повлечат предлог-измените или да важат за компаниите што се веќе на пазарот и се со странски капитал.