Претседателката на Уставниот суд сепак појасни дека уставната тужба е можна само со промена на Уставот и проширување на членот 110, алинеја три со сите слободи и права, затоа што сега се ограничени и може да бараат заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверување, совеста, мислата, јавното изразување на мислата, политичкото дејствување и здружување и забрана на дискриминација по пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска бара во земјата да се воведе уставна тужба, за да можат граѓаните побрзо да дојдат до правдата наместо со години да чекаат одлуки на Европскиот суд за човекови права.
За ова Кацарска побарала поддршка од претседателот на државата Стево Пендаровски, на Собранието Талат Џафери и на Владата Димитар Ковачевски кои денеска ги повика на работна средба за да им ја изрази загриженоста што судот цела година работи без потребниот број судии и на граница на кворум.
Но, за ова прашање, според Кацарска, ќе се разговара откако Судот ќе биде комплетен и ќе бидат избрани потребниот број уставни судии.
„Со воведувањето уставна тужба ќе се отвори можноста граѓаните побрзо да дојдат до правда, наместо со години да чекаат одлуки од Европскиот суд за човекови права и да не се изложуваат со големи трошоци пред судот во Стразбур“,
изјави Кацарска.
Таа, сепак, појасни дека уставната тужба е можна само со промена на Уставот и проширување на членот 110, алинеја три со сите слободи и права, затоа што сега се ограничени и може да бараат заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверување, совеста, мислата, јавното изразување на мислата, политичкото дејствување и здружување и забрана на дискриминација по пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
„Уставниот суд, судиите и јас како претседател на Уставниот суд, сме силни поддржувачи на воведување на уставна тужба. Тоа може единствено да се реши преку отворање на Уставот, со проширување на надлежностите на Уставниот суд. Кога велам проширување на надлежностите, тоа значи повеќе работа за Уставниот суд. Убедена сум, дека сите политички партии, сите претставници во Парламентот ќе ја поддржат ова идеја, затоа што ова ќе биде првпат да се отвори уставот за прашања кои што ги засегаат буквално сите граѓани, без оглед на пол, национална, верска, политичка припадност. Тоа е добробит за сите граѓани и верувам дека тука ќе има консензус помеѓу сите“,
изјави Кацарска.