Меѓу оние што ги споменала Кацарска се предметот за Преспанскиот договор (со кој беше решен долгогодишниот спор со Грција н.з.), Законот за јазиците, Законот за јавното обвинителство кои, како што навела претседателката на Уставниот суд, ќе ги стави на дневен ред кога судот ќе биде во полн капацитет
Во врска со недостигот на судии, Гир истакнал дека ја користи секоја можност и средби со претставниците на политичките партии за да упати важни пораки за што побрзо комплетирање на оваа исклучително важна институција
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска се сретнала со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир. Таа на средбата, како што информираат од Уставен, го изнела проблемот со недостигот на судии, поради што, како што истакнала, за одлучување чекаат многу важни предмети.
Меѓу оние што ги споменала Кацарска се предметот за Преспанскиот договор (со кој беше решен долгогодишниот спор со Грција н.з.), Законот за јазиците, Законот за јавното обвинителство кои, како што навела претседателката на Уставниот суд, ќе ги стави на дневен ред кога Судот ќе биде во полн капацитет.
„Имаме 51 предмет кои изминатата година не добија мнозинство гласови поради недостатокот на судии. Сосема малку се подобри ситуацијата со двајцата нови уставни судии, но тоа е незадоволително, мора да се изберат и останатите бидејќи имаме исклучително важни предмети за државата“,
посочила Кацарска на средбата.
Денешниот состанок, како што се наведува во соопштението од Уставен суд, се одржал на барање на евроамбасадорот Гир, кој во име на ЕУ изразил силна поддршка и посочи дека го гледа Уставниот суд како пример, централна институција која ќе го предводи процесот на реформи во пристапните преговори.
Во врска со недостатокот на судии, Гир истакнал дека ја користи секоја можност и средби со претставниците на политичките партии за да упати важни пораки за што побрзо комплетирање на оваа исклучително важна институција.
„Верувам Уставниот суд ќе биде пример на останатите институции во унапредување на реформскиот процес, бидејќи вие сте на самиот врв на владеењето на правото. Знам дека работите многу за да го одржите Уставниот суд дисциплиниран, транспарентен и да го одржите квалитетот на работата на многу високо ниво. Знам дека сите овие напори ги правите во период кога имате недостаток на судии и токму затоа и ја користам секоја можност и средби со претставници на политички партии за да упатам важни пораки и побрзо да се комплетирате“,
посочи амбасадорот Гир.
Претседателката Добрила Кацарска го запознала амбасадорот со промените кои се случуваат во Уставниот суд во поглед на одлучувањето и праксата со предметите. Таа потенцирала дека се прави суштинска разлика во постапувањето на Уставниот суд, од пред неколку години и денес, бидејќи Судот се почесто одлучува да поведе постапки за неуставни или незаконски одредби, за предмети коишто порано се отфрлани иако биле со очигледни неуставни елементи.
„Во последниот период имаме многубројни примери со поведувања на постапки, што значи сме изразиле сомнеж во уставноста на некои одредби или прописи, оние кои се штетни за граѓаните сме одлучиле да ги укинеме или поништиме и со тоа престанале да бидат дел од правниот поредок, се почесто се впуштаме во мериторно одлучување по барања од граѓани, наместо како претходната пракса Судот веднаш да ги отфрла”,
истакнала Кацарска.
Кацарска посочи дека функционална институција ќе значи надминување на проблемите со недостатокот на судии, односно пополнување на Уставниот суд со уште двајца нови судии, а од 7 декември кога истекува мандатот на судијката Вангелина Маркудова, Собранието ќе треба да избере уште еден судија.
Кацарска посочила дека откако Судот ќе се комплетира почесто и погласно ќе зборуваат за „намерата да се интервенира во Уставот и да се воведе уставна тужба.
На 28 октомври Собранието ги избра правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева и судијата Фатмир Скендер за уставни судии со што се поплнија две од испразнетите четири места во Уставниот суд.
Пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја напуштија пленарната сала пред гласањето бидејќи, како што рекоа, не сакаат да го легитимираат кршењето на процедурите при изборот на уставни судии.
Васиќ-Бозаџиева и Скендер се избраа по распишан оглас за тројца уставни судии откако лани во мај им завршија мандатите на дотогашните уставни судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски.
Комисијата за прашања за изборите и именувањата во Собранието започна седница во јуни лани, но истата помина во тензична атмосфера и не можеа да се утврдат предлози за уставни судии кои требаше да ги дадат пратениците. Откако и во наредните неколку месеци не можеа да се утврдат предлози, Комисијата претрпе и измени во составот поради преструктурирање на мнозинството во Собранието со излезот на Беса, а влезот на Алтернатива во Владата, но и со тоа што дотогашниот претседател на ова собраниско тело, Костадин Костадинов стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот. Конечно, со изменет состав и пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ како нова претседателка, Комисијата се комплетираше во март годинава, а предлози за уставни судии беа утврдени во мај.
Пратениците тогаш предложија девет кандидати. Васиќ-Бозаџиева и Скендер, како и актуелниот републички обвинител Љубомир Јовески ги предложи мнозинството. ВМРО-ДПМНЕ, пак, даде предлог од имиња: обвинителот од Вишото јавно обвинителство во Штип Тодор Витларов; охридскиот обвинител Воислав Димоски; пензионираниот универзитетски професор од Правниот факултет во Скопје, како и поранешен пратеник и претседател на Собранието Саво Климоски; професорка од Правниот факултет, Родна Живковска; управната судијка од Битола Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Расправата за осум од нив заврши. Васиќ-Бозаџиева и Скендер добија мнозинство гласови во Комисијата за да бидат предложени за уставни судии до пленумот на Собранието, а ниту еден од шестемина предложени од опозицијата не доби поддржа од мнозинството.
Меѓутоа, расправата заглави кога на ред дојде дискусијата за Јовески да биде уставен судија бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ започнаа филибастеринг со повеќечасовни говори и процедурални забелешки.
Во меѓувреме, од Уставниот суд со месеци наназад предупредуваа дека тие работат на работ на кворумот – со пет од вкупно девет судии, а алармот го вклучија со предупредување дека на 7 декември годинава ќе истече мандатот на една од актуелните судијки со што Уставен ќе нема ниту кворум за седници.
Во вакви услови, пратениците од власта рекоа дека нема да дозволат државата да дојде до уставна криза поради блокадите од ВМРО-ДПМНЕ, па претседателката на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата до Талат Џафери испрати предлог Васиќ-Бозаџиева и Скендер да бидат избрани за уставни судии додека во меѓувреме ќе продолжи комисиската расправа за Јовески. СДСМ беше на став дека ова не е кршење на процедурите бидејќи за секој од предлозите и во Комисијата и на пленарна седница се гласа засебно.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, поради ова поднесе интерпелација за Георгиевска како прв човек на Комисијата.