„Има закани на социјалните мрежи упатени лично кон неа кои сè уште се достапни и верувам дека ќе бидат и тие проверени. Меѓутоа, претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти сè до моментот вчера кога беше пронајден нож на нејзиниот личен имот“, изјави денеска портпаролката на Уставниот суд
Дали станува збор за случајност, невкусна шега или за порака и закана, треба да утврдат надлежните истражни органи, велат од Уставниот суд, од каде попладнево потврдија дека на приватното гаражно место на претседателката на Судот вчера биле пронајдени забоден нож и други предмети.

Одговарајќи на прашање на „360 степени“, портпаролката на Уставен, Христина Беловска, денеска на прес-конференција изјави дека Кацарска во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште биле пронајдени предметите.
„Точно е дека во текот на вчерашниот ден претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во полициска станица пријави евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг-место во близина на нејзиното живеалиште во непосредна близина на нејзиното возило и на околу дваесетина сантиметри од нејзиното возило е пронајден нож и некои други предмети и тоа е она што можам да ви го потврдам во овој момент“,
рече Беловска.
На прашањето дали можеби има индиции дека овој случај е поврзан со опожарувањето на возилото на директорот на Казнено-поправната установа „Идризово“, Зоран Јовановски, кој беше судија поротник во дел од предметите што ги водеше Кацарска, додека беше судија во Основниот кривичен суд Скопје, портпаролката одговори дека во овој момент не може да се извлече таква паралела. И ова, додаде таа, е прашање на кое одговор треба да даде истрагата.
Инаку, ножот, како што кажа Беловска, бил забоден во прекинувачот за струја кој се користи за да се осветли гаражното место на претседателката на Уставен.
„Таква паралела од оваа позиција не би можела да ви дадам. Веројатно прашањата треба да ги упатите на друга адреса. Она што можам да го потврдам е нејзината пријава, со оглед дека на нејзиниот имот, на нејзиното приватно паркинг место што се наоѓа во подземна гаража од затворен тип и во којашто има педесетина други автомобили, е пронајден забоден нож на дваесетина сантиметри во прекинувачот за струја којшто се употребува токму за да се oсветли делот над нејзиниот автомобил и други предмети за коишто повеќе информации ќе може да добиете од истрагата“,
рече портпаролката на Уставниот суд.
Во однос на закани, Беловска рече оти може да потврди дека имало такви – од непријатности и ситни инциденти во јавноста до закани на социјалните мрежи упатени директно до Кацарска. За заканите на социјалните мрежи таа досега не сакала да реагира, сè до вчерашниот случај.
„Има закани на социјалните мрежи упатени лично кон неа коишто сè уште се достапни и верувам дека ќе бидат и тие проверени. Меѓутоа, претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти сè до моментот вчера кога беше пронајден нож на нејзиниот личен имот.
Дали станува збор за случајност, невкусна шега или можеби некаква порака или закана тоа останува да го утврдат надлежните и во секој случај во интерес на државата е да се расчисти тоа“,
рече Беловска.

Инаку, како што претходно информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, вчера на нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож.
„На 14.5.2024 г. во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека во подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Известен е надлежен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Утринава, пак, како што потврди МВР, во скопската населба Кисела Вода бил запален автомобил сопственост на затворот „Идризово“, кое го користел директорот на оваа казнено-поправна установа, Зоран Јовановски. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Случајно или не, Зоран Јовановски беше судија поротник во дел од предметите што Кацарска ги судеше во Основниот кривичен суд Скопје, дел од нив високопрофилни, како оној за 27 април или некои од оние што ги покрена некогашното СЈО. Засега нема индиции дека двата случаи се поврзани.