„Катица Јанева, мојата мајка, е работно ангажирана во мојата адвокатска канцеларија согласно Законот за извршување санкции. Законот дозволува осудено лице да биде работно ангажирано надвор од установата по претходно добиена согласност од Управата за извршување санкции. Согласно третманот и критериумите во затворот, на мајка ми ѝ е дадена можноста да биде ангажирана во адвокатската канцеларија сметано од 27 јануари“, ни изјави нејзиниот син Лазар Јанев
Поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, од неодамна е работно ангажирана надвор од затворот „Идризово“, каде што ја издржува повеќегодишната затворска казна на која беше осудена во случајот „Рекет“.
Работодавач на Јанева ѝ е нејзиниот син, Лазар Јанев, кој има адвокатска канцеларија во која од неодамна е ангажирана неговата мајка.
Оваа погодност на Јанева ѝ е овозможена бидејќи ги исполнила критериумите во Казнено-поправната установа, потврди во изјава за „360 степени“ директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
„Секое осудено лице коешто ќе ги исполни законските критериуми, а тоа е до истекот на казната да се останати под три години и да има А третман, односно отворен третман во затворот се стекнува со право да излегува на работа во фирма по договор“,
вели Стојановиќ.
Тој додава дека во моментов околу 100 лица од повеќе затвори во државата ја користат оваа погодност, односно се работно ангажирани надвор од Казнено-поправните установи.
Како што ни појасни тој, предлогот осудено лице да добие ваков работен ангажман го дава директорот на самата Казнено-поправна установа, а доколку се утврди дека е оправдан и дека лицето ги исполнува критериумите, го потпишува директорот на Управата за извршување санкции.
Дека Јанева е работно ангажирани во неговата адвокатска канцеларија, за „360 степени“ потврди нејзиниот син. Според него, ваквата погодност неговата мајка почнала да ја користи од 27 јануари годинава.
„Катица Јанева, мојата мајка, е работно ангажирана во мојата адвокатска канцеларија согласно Законот за извршување санкции. Законот дозволува осудено лице да биде работно ангажирано надвор од установата по претходно добиена согласност од Управата за извршување санкции. Согласно третманот и критериумите во затворот на мајка ми ѝ е дадена можноста да биде ангажирана во адвокатската канцеларија сметано од 27 јануари“,
ни изјави Јанев.
Таа, како што ни изјави Јанев, од затворот излегува наутро, а попладне во завршувањето на работните обврски се враќа назад во „Идризово“.
Ексшефицата на Специјалното јавно обвинителство беше осудена на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, кој доби две години повеќе.
Пресудата за случајот „Рекет“ Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 18 јуни 2020 година, а правосилна стана кон крајот на јули следната година, откако Апелацискиот суд Скопје по повеќе од една од година ја потврди пресудата на првостепениот суд. За одлуката Апелација информираше преку соопштение на 21 јули 2021 г., а два дена подоцна Јанева беше спроведена во затворот „Идризово“ на отслужување на казната.
На 1 јуни 2022 година Врховниот суд ја потврди пресудата „Рекет“, одбивајќи ги барањата за вонредно преиспитување на пресудата што до највисокиот суд во државата ги поднесоа обвинетите, преку своите бранители.
Минатата година ексшефицата на згаснатото СЈО, експретседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, и бизнисменот Сеад Кочан се обидоа да го искористат институтот помилување – еден од прерогативите на претседателот на државата, за да го скратат својот престој во затвор каде што издржуваат повеќегодишни казни. Сепак, како што тогаш објави „360 степени“, претседателот на државата Стево Пендаровски ги одбил нивните барања, односно одбил да ги помилува.