Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ ќе го избира вечерва новиот состав на Извршниот комитет, од каде што, по поразот на партијата на јулските избори, ќе треба да заминат голем број од досегашните членови, додека партискиот лидер очекува да го истера до крај (декември 2021 г.) својот мандат, иако неговите критичари му бараат оставка
Од шест изборни единици, ВМРО-ДПМНЕ единствено оствари предност пред СДСМ во „тројката“, каде што носител на листата беше Јанушев, додека во втората ИЕ, каде што носител Мисајловски, битката беше изедначена
Друг состав на Извршниот комитет (ИК), се очекува да добие вечерва ВМРО-ДПМНЕ. Новите членови на најтесното раководство на опозициската партија ќе бидат избрани на седница на Централниот комитет, кој заседава за оваа цел два месеца по предвремените парламентарни избори и неколку седмици по изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со изборот на нов ИК продолжува „процесот на катарза“ во партијата. Според информациите, новиот ИК ќе биде во помал состав од досегашниот, кој, според последните информации од интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, брои 25 члена, вклучително со партискиот лидер, генералниот секретар и двајцата потпретседатели на партијата.
Додека дел од поранешните функционери бараат вонреден конгрес и оставка од партискиот лидер Христијан Мицкоски, поради победата на коалицијата на СДСМ на јулските избори, тој во изминатиот период направи повеќе кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ, така што на ред дојде и Извршниот комитет. Во меѓувреме, Мицкоски им соопшти на своите критичари дека нема намера да поднесе оставка, по што го мобилизира членството на серија антивладини протести откако тој не успеа да влезе во преговори за состав на новата влада.
Дел од досегашните членови на ИК, секако, ќе заминат од функциите, со оглед на најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека новиот состав ќе брои помалку членови од претходно, како и дека ќе бидат избрани неколку нови имиња, кои, како што се посочува, ќе му дадат дополнителна тежина и динамичност на најтесното раководство на опозициската партија.

Од партијата, на наше прашање, велат дека ИК се менува затоа што, согласно Статутот (кој моментно не е достапен на интернет-страницата на партијата откако беше донесена одлука за измени во него), му истекува мандатот, односно дека членовите на ова тело имаат мандат од две години, за разлика од претседателот кој е со четиригодишен мандат. Во случајов тоа значи дека мандатот на Мицкоски е до крајот на 2021, така што сегашниот лидер би имал можност за „поправен испит“ на локалните избори в година.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе се потпира и на искуството на луѓе кои се долго во партијата и даваат огромен придонесе во теренската работа. Ќе останат само оние неколкумина од претходниот состав на кои сѐ уште не им е истечен мандатот. Новиот ИК е дел од пакетот структурни промени што ги започна претседателот Мицкоски, веднаш по одржувањето на изборите и тој процес ќе продолжи“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека на вечерашната седница на Централниот комитет ќе се расправа и за прашања поврзани со резултатите на изборите.
ИК, на кој вечерва ќе му заврши мандатот, беше избран во јануари 2018 година, неполн месец по смената на партиското кормило, односно доаѓањето на Мицкоски на функцијата што речиси една и пол деценија претходно беше „резервирана“ за Никола Груевски.
Тогаш, за членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ беа избрани Владимир Нелоски, Даниела Рангелова, Игор Николов, Трајко Славевски, Драги Димитриевски, Влатко Ѓорчев, Силвана Ангелеска, Тони Михајловски, Димитар Димовски, Дафина Стојаноска, Златко Перински, Коце Трајановски, Дејан Јовановски, Дејанчо Ефтимов, Цветан Трипуновски, Игор Божиновски, Костадин Богданов, Ане Лашкоска и Бајрам Требишки. За членови на ИК беа избрани и тројца претседатели на општински комитети – Иван Јорданов од Штип, Кирил Пецаков од Охрид и Орце Ѓорѓиевски од Кисела Вода.
Подоцна дел од нив поднесоа оставки или беа разрешени од партиските функции (Рангелова, Богданов) за време на внатрепартиските превирања околу референдумот за името и уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор. Исто така, тогаш за генерален секретар беше избран Игор Јанушев, а за потпретседатели Александар Николоски, Владо Мисајловски, но и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој неколку месеци подоцна замина од партискиот врв.
Освен Гордана Силјановска-Давкова и Игор Дурловски, другите четворица носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 15 јули се членови на досегашниот состав на ИК. Од шест изборни единици, ВМРО-ДПМНЕ единствено оствари предност пред СДСМ во „тројката“, каде што носител на листата беше генералниот секретар Игор Јанушев, додека во втората ИЕ, каде што носител беше партискиот потпретседател Владо Мисајловски, битката беше изедначена. Александар Николоски и Дафина Стојаноска имаа послаб резултат од Зоран Заев и од Билал Касами (од коалицијата „Можеме“) во четвртата и во шестата ИЕ. Мицкоски, пак, не учествуваше директно, како кандидат на изборите, туку се промовира како „шпицен кандидат“ за премиер, но по изброите не успеа да влезе во преговори за формирање на новата влада.