Во јавноста се појавија пораки од луѓето кои се во карантин на мрежата „ВиЧет“, кои се жалат дека им било кажано оти нивната испорака на храна ќе биде блокирана доколку не покажат тест за коронавирус. Некои постари жители воопшто не можат да добијат храна, бидејќи не знаат да ракуваат со современите технологии, а повеќето жители не ни очекувале дека ќе има толку долг карантин, па не складирале ни храна, ниту други неопходни производи
Шангај, град со 26 милиони жители, се бори рамномерно да ги распредели основните прехранбени производи за жителите кои со денови се во карантин поради нови случаи на коронавирус. Денеска беше објавено дека не е откриен нов случај на ковида-19, и жителите се надеваат дека ова конечно може да биде пресврт во ограничувањата што ги трпат со недели и кои ја парализираа метрополата.
Во јавноста се појавија пораки од луѓето кои се во карантин, кои се жалат дека им било кажано оти нивната испорака на храна ќе биде блокирана доколку не покажат тест за коронавирус. Некои постари жители воопшто не можат да добијат храна, бидејќи не знаат да ракуваат со современите технологии, а повеќето жители не ни очекувале дека ќе има толку долг карантин, па не складирале ни храна, ниту други неопходни производи.
Соседите се пријавуваат меѓусебе
„ВиЧет“, кинеска апликација за пораки, стана суштинска алатка за опстанок на жителите на Шангај. Преку оваа апликација, жителите кои се во карантин разменуваат искуства од своите населени места, набавуваат храна и лекови, но го искажуваат и револтот од моменталната состојба, за која не се знае уште колку време може да потрае.
Има се повеќе приказни дека соседите меѓусебно се пријавуваат кај властите доколку некој е позитивен на коронавирус. Така, една жена го обвинила соседот дека лажно ја пријавил.
Така, не е невообичаено позитивните резултати од тестовите за коронавирус да бидат објавени на „ВиЧет“. На една Американка и било кажано дека ќе биде испратена во карантински центар, кога добила позитивни резултати, што предизвикало паника кај неа.
Се наведува дека постарите станари повеќе се плашат од коронавирус, па бараат оние кои се позитивни што поскоро да се отстранат од градот. Така, се појави приказната дека управителот на една зграда сакал да ја блокира испораката на храна за едно семејство, ако не ги објави резултатите од тестовите за коронавирус. Уште неколку жители на Шангај се пожалиле на ваквиот третман, посочувајќи дека тоа ја нарушува нивната приватност.
Се додава дека нема јасни насоки како да се постапува и дека карантинските центри се преоптоварени. Исто така, на некои жители не им било дозволено да се вратат во своите домови по излегувањето од карантин. Имало и ситуации кога жителите на Шангај се судриле со полицијата поради одлуката на владата да ги претвори нивните домови во карантински установи во кои ќе престојуваат пациенти со коронавирус.
На видео споделено преку „ВиЧет“ се гледа како жителите се судираат со триесетина полицајци во заштитни одела, додека ги молат да им дозволат да останат во нивните изнајмени станови. Конфликтот се случл минатата недела откако полицијата одлучила да пренамени девет станбени згради во комплексот во објекти за привремена изолација, објави Фајненшл тајмс.
Луѓето во Шангај се плашат дека ќе гладуваат во 2022 година
Жител на Шангај за Си-ен-ен ја сподели приказната за неговиот татко кој е загрижен за намалувањето на залихите на храна. Тој вели дека неговите родители кои се родени и израснати во Кина, во времето на Мао Це Тунг, никогаш не морале да се грижат дали ќе умрат од глад. Сега, поради драконските мерки за карантин што погодија милиони жители на Шангај и пошироко, луѓето се плашат повеќе од кога и да е дека ќе останат гладни во 2022 година.
Од друга страна, надлежните посочуваат дека за недостигот на храна се виновни самите луѓе, поради непланирање и координација. И покрај официјалните ветувања, доставата на храна што ја вети Владата е несигурна во многу делови од градот.
Ова го вклучува комплексот згради во кои живее татко на човекот кој говори за Си-ен-ен. Тој додава дека постарите луѓе како неговиот татко не успеале да обезбедат залихи преку онлајн купување на големо, што сега е единствениот начин да се купи што било, бидејќи нивните барања се мали и го немаат потребното техничко знаење за да ракуваат со апликации.
Тој посочува дека преку апликацијата се обидел да набави храна за неговиот татко, но дека апликацијата често паѓала и се враќала во функција дури по неколку часа, нагласувајќи дека поради тоа не можела да се обезбеди испорака на храна. На крајот, сепак успеал да му набавинамирници на татко му, но тие биле многу поскапи.
Неограничен карантин
Пред април, опстанок не беше грижа за повеќето жители на Шангај. Во текот на изминатите две години, градот ја зајакна својата улога на „меѓународната порта кон Кина – за луѓе и стоки“. Со доаѓањето на омикрон, ситуацијата се промени.
Властите во Шангај постојано негираа дека градот ќе биде во карантин, па дури и наложија на полицијата да ги истражи онлајн гласините за тоа. Кога беше воведен карантин, многу жители се најдоа во неволја бидејќи не складирале храна.
Владата само го продолжува карантинот, бидејќи се појавија нови случаи. Сето ова доведе до зголемен гнев кај жителите на Шангај. Има некои приближни датуми кога ќе бидат отворени одредени станбени комплекси, но бидејќи властите продолжуваат да ги тестираат жителите, се чини дека карантинот би можел да се пролонгира, јавува Си-ен-ен.
Заеднички нарачки на храна и лекови
Во овие тешки времиња за жителите на Шангај, сепак има светла страна. Дека не се сите соседи исти сведочат и луѓе кои како одговор на барањата за храна и лекови ги презеле работите во свои раце и преку апликацијата „ВиЧет“ почнале да бидат посредници и да набавуваат основни резерви на храна и други потреби за нивните заедници.
„Во групата на ‘ВиЧет’ во зградата, некој ќе сподели објава: ‘Еј, се обидуваме да составиме пакет со овие продукти, додајте го вашето име на списокот ако сте заинтересирани’“,
изјавил еден Американец, жител на Шангај.
„Ако се собереме доволно луѓе, плаќаме, а потоа чекаме неколку дена да се испорачаат залихите“,
објаснува тој.
Апликациите за испорака на храна во градот се оптоварени и тешко се правуваат со товарот на голем број луѓе кои нарачуваат во исто време.
„Моравме да нарачуваме во одредено време, кога ќе станеме рано или ќе останеме до доцна, обидувајќи се да нарачаме нешто“,
вели Американецот.
Во вакви тешки околности, луѓето почнале да дејствуваат како посредници во нивните заедници преку поврзување со продавници и компании, бидејќи единствениот начин да се нарачаат многу залихи е со масовна нарачка.
Луѓето, исто така, почнале да прават листи за итни случаи, телефонски броеви од соседството и информации за апликации за испорака на храна.