Здравствените власти посочуваат дека во периодот што следи, многу ризик фактори може да ја влошат епидемијата. За да се спречи наплив на пациенти во болниците, клучно е почитувањето на мерките за заштита
Епидемиолошката состојба во државата со ковид-19 е стабилна, со благ тренд на намалување на бројот на пациенти, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, во изјава за „360 Степени“.

„Гледајќи го периодот јуни, јули и август се добива впечаток дека имаме лесно намалување од десетина проценти на вкупниот број на дневно регистрирани случаи, ако се земе период од осум недели. А она што го гледаме во последните две недели е намалување на бројот на заболените лица, што донекаде доаѓа до 20 отсто “,
вели Караџовски.
Караџовски вели дека новите случаи на заболени од ковид-19, според информациите од Центрите за јавно здравје во земјава, во голем дел се поврзани со собири и настани на кои се прекршуваат мерките за заштита. Уверува дека новите кластери се следат и се контролираат, но апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да не се ризикува состојбата да се влоши.
Засега генералната слика е дека епидемијата има опаѓачки тренд. Извештајот на Институтот за јавно здравје за последната недела на август, покажува пад на бројот на новорегистрирани случаи и на неделно ниво.
Во период од 24 до 30 август, Институтот за јавно здравје регистрирал 666 нови заболени лица од ковид-19 во земјава, за разлика од 28-мата недела од почетокот на епидемијата кога е достигнат врвот во однос на новорегистрирани случаи на неделно ниво со 1 074 заболени лица.

(Извор: Институт за јавно здравје)
Забележано е и намалување на бројот на хоспитализирани лица од коронавирус за 40 отсто за разлика од претходната седмица, односно периодот од 17 до 23 август.
Сепак, оваа состојба може лесно да се промени. Караџовски потенцира дека не смее да се каже дека вирусот ја изгубил силата и потенцира дека особено есенско-зимските месеци носат повеќе ризик фактори што можат да ја влошат епидемијата.
На прашањето што очекува во иднина, шефот на Комисијата за заразни болести вели дека системот е подготвен и за најлошо сценарио.
„Има розово сценарио, жолто, црвено и црно сценарио. Да не испаднеме дека ние сме пророци и предвидуваме што ќе се случи, ние како секоја нормална институција мора да размислуваме за добро, средно добро, просечно, лошо и многу лошо сценарио. Во моментов сме во жолто сценарио, имаме број на заболени, но го држиме под контрола. Состојбата не е влошена“,
вели Караџовски за „360 Степени“.
Како ќе се разликува грип од ковид-19?
Меѓу ризиците кои може да ја искомплицираат епидемијата е очекуваната сезона на грип и други респираторни заболувања. Затоа, ќе биде многу важно да се прави разлика меѓу ковид-19 и другите заболувања.
Според Караџовски, со првиот предизвик, докторите ќе се сретнат веќе на крајот на октомври.
„На прашањето, што ќе се случи следниот период, не би можел да одговорам децидно, затоа што ниеден епидемолог во светот тоа не може да го каже. Ние сме согласни на ниво на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство дека периодот којшто следи, значи ноември, декември, јануари ќе имаме зголемен број на респираторни заболувања, пред се инфлуенца (грип н.з.). Зошто? Октомври и ноември ќе имаме зголемен број на респираторни вируси, рино-вируси, параинфлуенца и инфлуенца, односно сезонски грип. Врз основа на нашите статистики во период од 30 години, тоа може да го очекуваме втората и третата недела околу Божиќ и вториот бран околу февруари и март. Меѓутоа, зголемениот број на респираторни вируси веќе се очекува крајот на октомври и почетокот на ноември. Ако имаме направено една рамка во која што очекуваме зголемен број на заболувања тоа би било крајот на есента и почетокот на зимскиот период кога ќе имаме еден конгломерат на респираторни вируси вклучително и инфлуенца“,
вели Караџовски.
Бидејќи дел од симптомите за сезонски грип се исти како и за ковид-19, клучна ќе биде дијагностиката. Караџовски уверува дека лабораториите имаат зголемен капацитет за тестирање, кој е доволен да се одговори на предизвикот.
„Ако некогаш Институтот за јавно здравје правеше по 200 до 250 тестови дневно, сега системот е толку проширен што имаме 12 инситутиции кои тестираат. Со други зборови капацитетот е проширен, системот го апсорбираше првиот удар и ние сега можеме да правиме повеќе од 2 000 теста (дневно н.з.). Значи безмалку 10 пати е зголемен делот за тестирање. Второ, системот може да ги апсорбира бранот на заболени, затоа што бројот на заболени случаи на Инфективните одделенија во последните три недели е намален. Да, на здравствениот систем ќе му се одрази ова, но системот веќе го подигнавме на повисоко ниво и спремни сме да одговориме на предизвикот“,
вели Караџовски.
Дополнителен ризик фактор е што луѓето од наесен ќе почнат се повеќе да минуваат време во затворени простори, што носи голем ризик од ширење на вирусот, доколку не се почитуваат мерките за заштита.

Министерот за здравство Венко Филипче, во изјава за „360 Степени“ вели дека сите овие ризици може да влијаат и врз болничките капацитети.
„Еве сега од септември се враќаат луѓето од одмори, патувања и почнуваат да работат во затворени канцеларии. Почнуваат и со работа градинките. Веќе доволно ризик фактори за да се влоши пандемијата со ковид. И уште неколку други фактори кои ќе дојдат подоцна наесен, настинките и сезонскиот грип и ќе се зголеми бројот на пациенти кои што се лекуваат во истите болници. Што значи, влошување на пандемијата со ковид-19 заради сите овие ризик фактори, меѓутоа и генерално поголем број на ризик фактори кои може негативно да влијаат и во болничките капацитети“,
Филипче.
Здравствените власти потенцираат дека за да се спречи „италијанско сценарио“ со пренатрупаност во болниците, клучно е однесувањето на граѓаните и почитувањето на основните мерки за лична заштита.