Бербок треба да стапи на функција на почетокот на декември годинава со што ќе стане првата жена шефица на дипломатијата. 40-годишната политичарка ќе биде и најмладата личност на таа позиција во историјата на германската дипломатија

Копретседателката на германските Зелени, Аналена Бербок, ќе биде нова министерка за надворешни работи на Германија, објави нејзината партија откако вчера беше постигнат договор за Влада заедно со социјалдемократите и Слободните демократи.
Зелените објавија дека и другиот копретседател на партијата, Роберт Хабек, ќе раководи со „супер министерството“ кое ги спојува економијата и борбата со климатските промени.
Бербок ќе биде и најмладата министерка за надворешни работи во германската историја
Бербок треба да стапи на функција на почетокот на декември годинава со што ќе стане првата жена шефица на дипломатијата. 40-годишната политичарка ќе биде и најмладата личност на таа позиција во историјата на германската дипломатија.
Во текот на кампањата, таа ветуваше дека ќе ја заживее германската дипломатија посебно со заземање поостар тон кон Русија и Кина.
Во однос на проширувањето на ЕУ, Зелените важат за партија која гледа благонаклонето кон Северна Македонија и воопшто кон процесот на интеграција на целиот европски континент. Бројни се примерите кога тие безусловно застанувале на страната на проширувањето и поддршката кон Северна Македонија, дури и кога владата во Берлин била воздржана, колеблива и подлегнувала на „компромиси“ што ги барале нејзините партнери во европското друштво.
Бербок во германското Министерство за надворешни работи ќе го замени досегашниот шеф на дипломатијата, Хајко Мас.
Таа ќе биде министерка во влада предводена од социјалдемократот Олаф Шолц чија партија победи на изборите во септември.
Со стапувањето на функција на новата влада, што се очекува наредниот месец, и официјално ќе заврши 16-годишно владеење на Ангела Меркел. Нејзината партија ЦДУ заминува во опозиција, а веројатно во декември ќе добие и нов лидер откако актуелниот Армин Лашет, кој беше кандидат за канцелар, најави повлекување по изборниот пораз.
