Од градовите во светот кои имаат голем процент вакцинирани се: Монако со 70 проценти, Сингапур, кој се приближува до бројката од 80 проценти, како и Лондон, кој штотуку надмина 70 проценти
Градот Канбера во Австралија е на пат да стане град со најголем процент вакцинирано население, објави Гардијан.
Иако како и во остатокот од Австралија, програмата за вакцинација во Канбера започна во февруари оваа година и беше попречена од проблемите со снабдувањето со вакцини, само една достапна вакцина, работите се забрзаа во август, кога делта-сојот од Сиднеј пристигна во Канбера.
Властите проценуваат дека речиси целото население ќе биде вакцинирано до ноември, пренесува Гардијан.
„Сегашните докази покажуваат дека ова ќе биде еден од градовите со најголем број вакцинирани жители во светот. Очекуваме дека 99% од популацијата што ги исполнува условите ќе бидат вакцинирани до крајот на ноември. Тоа е доказ за жителите и нивната подготвеност да се заштитат себеси, своето семејство и својата заедница“,
рече министерот надлежен за оваа територија, Ендрју Бар.
Од градовите во светот кои имаат голем процент вакцинирани се: Монако со 70 проценти, Сингапур, кој се приближува до бројката од 80 проценти, како и Лондон, кој штотуку надмина 70 проценти.
Сепак, граѓаните на Канбера се издвојуваат затоа што ја прифатија потребата за вакцинација речиси без бунтување и без поголеми стимулации.
„Нашите точки за масовна вакцинација им овозможија на повеќето граѓани да ја добијат вакцината на многу едноставен начин. Медицинските сестри и персоналот во нашите центри за вакцинација ги водат најефикасните програми во земјата, со скоро 100 проценти искористување“,
рече Бар.
Мрежи за примарна здравствена заштита – матични лекари – и аптеки исто така беа дел од програмата, како и низ Австралија.
Населението што живее на територијата на главниот град на Австралија се смета дека е во просек едно од најобразованите и најплатените во Австралија. Тие, според истражувањата, се повеќе склони кон високо образование во споредба со остатокот од нацијата, при што 30 проценти од населението го наведуваат своето занимање како „професионалец“. Владината администрација сочинува речиси 20 проценти од работната сила, а одбраната дополнителни шест проценти.
Процесот на вакцинација беше претставен на населението како билет за нормалност, а најголем дел од подобното население ја прифати вакцинацијата против коронавирусот откако вакцините станаа достапни. Австралија треба да достигне просечна стапка на вакцинација од 80 проценти до декември, што значи дека границите меѓу земјите со нулта стапка на пандемија ќе се отворат и патувањето ќе може да продолжи.
Овој месец, Мелбурн ја освои незавидната титула како град кој е во карантин најдолго во светот. Затворен е 250 дена и тој број се уште се зголемува. Во Сиднеј, најнаселениот град во земјата, карантинот што траеше 106 дена заврши во понеделникот и ја достигна целта на 70% од вакцинираните.
Во Сиднеј и Мелбурн, како и во главниот град Канбера, со недели беше во сила строга наредба за граѓаните да останат дома.
Австралија на 20 март минатата година воведе едни од најстрогите ограничувања во светот во однос на границите, како одговор на пандемијата на коронавирусот, по што во наредните 560 дена беа прекинати многубројни меѓународни летови, а патувањето во странство беше сведено на минимум.