Новинарот и уредник во Канал 5 ТВ, Гоце Михајловски, е заразениот новинар за кој утрово информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој е и водител на емисијата „Само интервју“, во која во четвртокот и петокот гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кои се наоѓаат во задолжителна самоизолација.

Од Канал 5, тврдат дека првично нивниот вработен немал никакви симптоми, а правен и тест во приватна клиника, кој бил негативен.
„Викендот на 28 и 29 март оваа година, колегата Михајлоски бил во посета на своите родители во Прилеп, од каде што во понеделникот, на 30 март, продолжува со работа во дневно-информативната редакција, без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми. Во четвртокот и петокот, во емисијата ‘Само интервју’, гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски, последователно, при што беа запазени сите протоколи. Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во ден недела, 5 април, кои биле во форма на малаксаност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17 часот го напуштил работното место“,
велат од Канал 5 ТВ.
Од наредниот ден, Михајловски, според нив, бил во самоизолација, а во меѓувреме добил и температура повисока од 38 степени. Преку матичен, тврдат од компанијата, се обидел да добие упат за тестирање, но на епидемиолошката анкета не покажал доволно симптоми.

„На 7 април, во утринските часови, поради зголемената температура, прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е НЕГАТИВЕН на коронавирусот. Во четврток, 9 април, колегата Михајловски заминува во градската болница ‘8 Септември’, каде што е примен, а утринава не информираше дека сепак е позитивен на ковид-19“,
велат од телевизијата посочувајќи дека во соработка со Министерството за здравство ќе ги преземат сите чекори за надминување на „несреќната здравствена состојба“.
Од Канал 5 ТВ тврдат дека подолг период имаат воспоставено високи стандарди на заштита и контрола на вработените, како што се: задолжително мерење на телесна температура при влез во компанијата, дезинфекциски пунктови на 5 локации, односно на секој кат, дополнително и во информативната редакција. Задолжително, велат, работниот процес се извршува со помош на заштитни маски, а за делот на техниката и новинарите се обезбедени и пластични визири, за дополнителна заштита. Новинарите, за кои е можно тоа, посочуваат, работат од дома.
*Поврзани вести:
Заев и Мицкоски во задолжителна самоизолација, имале контакт со заразен новинар
Заев се чувствува добро, ама ќе остане во изолација дома во Струмица
Мицкоски: До овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција