Бегалскиот камп во Рицона во близина на грчкиот остров Евиа, од денеска е во 14-дневен карантин, откако беше потврдено дека 20 лица се заразени со коронавирус, по проверката на контактите на родилката позитивна на коронавирусот, јави МИА од Атина.
Од Министерството за миграција и азил на Грција, утрово соопштија дека по наредба на надлежниот министер Нотис Митаракис, а во соработка со заменик-министерот за цивилна заштита и претседателот на Националната здравствена организација, бегалскиот камп во Рицона е во карантин во следните 14 дена.
„Одлуката е донесена откако при вчерашната проверка на контактите на потврдениот случај на ковид-19 – жена која престојува во кампот, која е хоспитализирана по породувањето во атинска болница. При проверка на 63 лица во кампот во Рицона, беше констатирано дека 20 од нив се позитивни на ковид-19“, соопштија од грчкото Министерство за миграција и азил.
Исто така се истакнува дека никој од овие 20 лица немал симптоми и дека проверката на контактите ќе продолжи и во текот на денешниот ден
Во вторникот беше потврдено дека жена – барателка на азил, која престојува во организираниот бегалски камп во Рицона е заразена со коронавирусот, а била тестирана веднаш откако се породила во атинска државна болница.