СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ останаа на различни позиции околу изборниот датум, додека ДУИ се наметна повторно како одлучувачки фактор, со оглед на тоа што има потпретседателка во ДИК, а од партиските редови е и претседателот на парламентот Талат Џафери
Неизвесно е дали и како ќе почне кампањата за 10. парламентарни избори, која, согласно со завршувањето на вонредната состојба и Уредбата на Владата за изборниот процес треба да стартува уште утре или во вторник, за изборите да бидат на 5 јули.
Во владејачкиот табор има различни толкувања во однос на тоа дали кампањата почнува утре или задутре, односно дали 20 дена треба да се бројат до 5 јуни, кога ќе се гласа, или до 4 јули. Во секој случај, извесно е дека утре ќе нема официјален старт на кампањата, со оглед на тоа што не е утврден се уште ревидираниот роковник на ДИК.
Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и во текот на денешниот ден, останаа на различни позиции околу изборниот датум, додека ДУИ се наметна повторно како одлучувачки фактор, со оглед на тоа што има потпретседателка во ДИК, а од партиските редови е и претседателот на парламентот Талат Џафери.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски денеска побара од Џафери да донесе ново решение, со нов датум, за одржување на изборите, за потоа тој да свика седница на ДИК.
Од друга страна, во Заклучокот на ДИК, потпишан во Дерковски, по прекинувањето на изборите во март, стои дека сите преостанати изборни дејствија ќе бидат предвидени со ревидираниот роковник, што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на новата Уредба на Владата за изборниот процес.

Владата, пред неколку дена, донесе нова Уредба, односно ја измени Уредбата за изборниот процес, внесувајќи рокови за ажурирање на избирачкиот список. Но, Деркоски изјави денеска дека, по завршувањето на вонредната состојба не важат веќе уредбите, така што тој ќе постапува согласно со Изборниот законик.
Партиите за овие избори најавуваа кампања, главно, преку социјалните мрежи, без митинзи и помасовни собири, поради ситуацијата со коронавирусот.
И додека се чека ДИК да означи старт на кампањата, набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР веќе ги пакуваат куферите за да ги следат изборите во земјава.
