Со реализацијата на овој проект, како што вели градоначалникот, Камениот мост ќе биде дополнително истакнат, заштитен и претставен во достоинствено светло пред граѓаните и посетителите
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со градоначалникот на турската општина Есенлер, Мехмед Тевфик Ѓоксу, на која разговарале за реализацијата на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.

Како што информира Ѓорѓиевски преку објава на Фејсбук, на средбата е потврдено партнерството воспоставено преку неодамна потпишаниот протокол за соработка меѓу двете општини.
„Денеска остварив пријателска и конструктивна средба со градоначалникот на Есенлер од Република Турција, Мехмед Тевфик Ѓоксу. На средбата уште еднаш ги потврдивме пријателството, партнерството и добрата соработка воспоставена преку неодамна потпишаниот протокол за соработка, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост“,
напиша Ѓорѓиевски.
Посочи дека Камениот мост претставува симбол на Скопје, културно-историско наследство и едно од најпрепознатливите обележја на градот.
Според најавите, мостот ќе добие современо декоративно осветлување, усогласено со неговите архитектонски карактеристики и историска вредност.
„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост ќе биде дополнително истакнат, заштитен и претставен во достоинствено светло пред граѓаните и посетителите“,
вели градоначалникот.
Ѓорѓиевски изрази благодарност до Општина Есенлер, како и до институциите и стручните лица вклучени во подготовката и реализацијата на проектот, оценувајќи дека ваквата соработка претставува пример за успешно партнерство и размена на искуства меѓу двете земји.
Реализацијата на овој проект, Ѓорѓиевски ја најави во март.
На мостот ќе бидат поставени ЛЕД-светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето, со што, според градоначалникот, тој ќе добие нова естетска димензија.
