Поради влошена здравствена состојба, бизнисменот Орце Камчев, со возило на брзата помош утрово бил пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје. По реакција на лекарскиот тим на Клиниката за кардиологија, тој е вратен во КПУ затвор Скопје каде што ја издржува мерката притвор.
Неговите адвокати велат дека за време на редовната посета денеска, Камчев им се пожалил на лоша здравствена состојба.
„Имено, во текот на вчерашната вечер Камчев во затворот имал гушење, голема главоболка и се чувствувал многу лошо, но во КПУ затворот во Скопје во моментот немало дежурен лекар за да го прегледа и интервенира, па поради сериозноста на состојбата викната е брза помош, констатирано е зголемен крвен притисок и на Камчев му е дадена соодветна, моментална терапија“,
соопштија дел од правната одбрана на Камчев, кои денеска биле во посета.
Во соопштението адвокатите наведуваат дека неколкупати како одбрана реагирале на, како што велат, сериозно влошената здравствена состојба на Камчев, што, според нив, продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика.
„Со фамилијарен историјат на кардиоваскуларни болести, г-динот Камчев од својата 15-та година прима соодветна терапија за оваа здравствена состојба, а пред само десетина дена поради влошување на состојбата тој пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје. Сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни, релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот“,
соопштија адвокатите Сашо Бошков, Александар Михајлоски, Гоце Ристески, како дел од правната одбрана кои денеска биле во посета на Камчев.
Бизнисменот Орце Камчев е во притвор за предметот „Плацoви на Водно“ поради опасност од бегство. Кога во март му беше одреден првиот притвор, тој негираше дека сакал да бега, иако за тоа, според тврдењата на обвинителката Лиле Стефанова и Судот, има допис од Агенцијата за национална безбедност.