Камчев се наоѓа во притвор поради во предметот „Плацови на Водно“, каде меѓу обвинетите е и Мијалков кој исто така е во притвор, но за предметот „Трезор“. Во петок (16 јули) тие треба да бидат пренесени во Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да стартува судењето за овој предмет. Со нив, обвинети се и поранешниот премиер, Никола Груевски, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева
Адвокатите на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев сметаат дека нивниот клиент, кој околу 4 месеци е во притвор, трпи неоснован притисок, дека кон него има личен анимозитет и класична тортура.
Нивната реакција доаѓа откако пред неколку дена Апелацискиот суд во Скопје ја одби гаранцијата од речиси 5 милиони евра со која одбраната на Камчев побара тој да излезе од притвор од Шутка.
Во реакцијата тие го потенцираат ставот на Вишото обвинителство, кое дало согласност бизнисменот да оди во домашен притвор и наведуваат дека во ваква ситуација судот не би смеел да го оценува мислењето на обвинителите и да одлучува на штета на обвинетиот. Адвокатите сметаат дека ваквото постапување на судот е небулозно и го отвора прашањето за неговата независност.
„Јавното обвинителство е овластен предлагач за определување на мерки за обезбедување и според досегашната судска пракса на кривични постапки судот секогаш ги засновал своите одлуки за определување на мерки за обезбедување на присуство во рамките на предлозите поднесени од јавното обвинителство. Во ситуација кога подносителот на обвинението, односно јавното обвинителство, кое ја отпочнало самата кривична постапка и истата ја довело до судска постапка, смета дека повеќе не постојат причини и потреба да му бидат строго ограничени слободите и правата на обвинетиот, судот не би смеел да ја оценува волјата и ставот на јавното обвинителство и да одлучи единствено на штета на обвинетиот“,
велат адвокатите во реакцијата.
Во нивото обраќање до јавноста тие подетално се осврнуваат мислењето на Вишото обвинителство кое, според нив, зело предвид повеќе аспекти за да даде согласност Камчев да оди во притвор.
„Вишото јавно обвинителство го зема предвид и фактот дека се работи за бизнисмен кој има повеќе од 2500 вработени и кој пред издржување на мерката притвор секогаш уредно соработувал со сите органи на прогонот и судот. Во предвид е земено и дека по четири месеци ефективен притвор, г-динот Јордан Камчев е со видливо влошена здравствена состојба и истата продолжува да се влошува бидејќи во КПУ Затвор Скопје не постојат соодветни медицински и санитарни услови за третирање на конкретната здравствена состојба. Пред само неколку денови, г-динот Камчев, пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје“,
велат адвокатите додавајќи дека бизнисменот има фамилијарен историјат на кардиоваскуларни заболувања и зема терапија од 15 години, па останувањето во притвор може да биде ризик за неговото здравје.
Овој случај, за кој одбраната тврди дека е спротивен на досегашната судска пракса, не е единствен кој беше нотиран во последниот период. Слична беше и ситуацијата со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, во предметот „Трезор“ каде тој е неправосилно осуден на 8 години затвор. Во мај, Кривичниот совет Основниот кривичен суд во Скопје ја одби гаранцијата од 10,8 милиони евра и покрај тоа што имаше позитивно мислење, во случајот од надлежните обвинители во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција кои постапуваат во „Трезор“.
Потоа, тој се жалеше до Апелација каде вишите обвинители, за разлика од оние кои го застапуваа предметот во судскиот процес, испратија негативно мислење, а второстепениот суд реши да ја одбие гаранцијата и ексдиректорот на УБК да остане во Шутка.
Камчев се наоѓа во притвор поради во предметот „Плацови на Водно“, каде меѓу обвинетите е и Мијалков. Во петок (16 јули) тие треба да бидат пренесени во Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да стартува судењето за овој предмет. Со нив, обвинети се и поранешниот премиер, Никола Груевски, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прекривал вистинскиот сопственик.
Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.