Спогодбата со Камчев, но и со Јосифовиќ во случајот „Империја“ беше постигната минатата недела и таа беше верификувана од судија на претходна постапка. Она што е познато е дека тие се спогодиле за кривични дела до 2009 година, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело
Откако призна вина и се спогоди да уплати во државниот буџет 5,2 милиони евра, по што доби казна затвор од една година во случајот „Империја“, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев сега треба да добие упатен акт за издржување на затворската казна. Таков документ треба да се испрати и до Ненад Јосифовиќ, кој исто како и Камчев се спогоди на една година затвор.
Основниот кривичен суд сè уште не им испрати упатни актови, за што велат дека ќе постапат согласно законските одредби.
„За случајот ќе се постапува откако ќе се формира предмет кај судија за извршување санкции. Судијата за извршување санкции согласно законските одредби ќе издаде упатен акт со време и место каде тие треба да се упатат за издржување на затворската казна, а на истиот упатен акт тие имаат право за барање за одложување на извршувањето на казната“,
велат од судот.
Во затворската казна за обвинетите се пресметува и времето кое тие го поминаа во притвор. Засега нема официјална потврда колкав период Камчев и Јосифовиќ поминаа во ефективен притвор во Шутка, како и во куќен притвор. Според пресметките врз основа на медиумските објави изминатите години, Камчев во притвор (ефективен и куќен) има поминато околу 3,5 месеци.
Спогодбата со двајцата обвинети во случајот „Империја“ беше постигната минатата недела и таа беше и верификувана од судија на претходна постапка. Она што е познато е дека тие се спогодиле за кривични дела до 2009 година, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција детали објавија во петокот (29 април) од каде што посочија дека за останатиот дел од истрагата во „Империја“, кој се однесува на периодот по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува. Во моментов течат роковите во кои обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и да предлагаат докази.
Според последната изјава на обвинителката Лиле Стефанова, која постапува во овој предмет, иницијативи за спогодување има од повеќе обвинети, но дали ќе се постигнат и со други обвинети, како што рече таа, ќе зависи од тоа колку тие се спремни да ја вратат имотната корист стекната со кривично дело.
Орце Камчев / Фото: МИА