Харис, која е актуелна американска потпретседателка, го скрати својот избор на две имиња – гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро и гувернерот на Минесота, Тим Волц, велат добро упатени извори за Ројтерс
Демократската претседателска кандидатка Камала Харис денеска се очекува да го претстави својот потпретседателски кандидат, што е нејзина прва голема одлука откако влезе во трката против републиканскиот кандидат Доналд Трамп по повлекувањето на претседателот Џо Бајден, пренесе Дневник.хр.
Харис, која е актуелна американска потпретседателка, го скрати својот избор на две имиња – гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро и гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјавија добро упатени извори за Ројтерс. Според истите извори, се разгледувале кандидати со докажано искуство за привлекување на белите, независните и на гласачите од руралните средини.
Шапиро е ѕвезда во подем во Демократската партија, популарен во Пенсилванија, чии 19 електорски гласа им се потребни и на Харис и на Трамп за освојување на Белата куќа.
Волц, пак, е гувернер на држава која е цврсто во рацете на демократите, но докажано им се допаѓа на белите гласачи од руралните средини кои главно гласаа за Трамп во последниве години.
Откако го замени Бајден како претседателски кандидат, Харис собра стотици милиони долари за кампањата и почна да го достигнува Трамп во анкетите. Демократскиот национален комитет доцна синоќа објави дека таа и официјално ја обезбедила номинацијата на партијата.
Американците се фокусираат на личноста на врвот на листата кога избираат за кого да гласаат, но кандидатите за потпретседател можат да помогнат врз основа на нивното потекло, популарноста во нивната матична држава или способноста да влијаат на важни изборни единици или независни гласачи.
Потпретседателскиот избор на Трамп е конзервативниот американски сенатор Џеј Ди Венс од Охајо.