Можеше многу поцврсто да се наметне и да каже што може, а што не може – смета потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, чие име се спомнува како потенцијална министерка за финансии ако нејзината партија е дел од новата влада по изборите
Министерот за финансии Фатмир Бесими од ДУИ е човек што недоволно го брани својот став. Ова е оценката на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, која дополнува дека тој, сепак, е човек што си ја знае работата. Димитриеска-Кочоска оценката ја даде на прашање во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 за тоа каков министер за финансии, според неа, е Фатмир Бесими.

Димитриеска-Кочоска: Фатмир лично не го познавам од минатото, единствено преку телевизија, но колегите што се тука и работеле со него, кажуваат дека станува збор за човек што си ја знае работата, меѓутоа, од она што јас можам да го заклучам, е дека е човек којшто недоволно цврсто го брани својот став и тоа слободно можам да го кажам и можеби тоа е единственото нешто што мене ми смета кај тој министер затоа што сметам дека Министерството за финансии и министерот за финансии не е како другите министри. Тој секогаш треба да биде сам против сите. Секаде е така, ако погледнете во една компанија, човекот којшто работи со финансиите е сам против сите, сите доаѓаат и бараат пари за да трошат, а човекот којшто се грижи за финансиите треба да внимава како се трошат парите и мислам дека тука ми е најголемата забелешка на министерот. Можеше многу поцврсто да се наметне и да каже што може, а што не може.
360°: Да не работи во стилот – немаме за леб, а трошиме на чоколадо!?
Димитриеска-Кочоска: Да.
Бесими го води ресорот финансии во актуелниот владин состав од 2020 г. Го наследи од Нина Ангеловска од СДСМ.
Претходно, во две влади беше министер за економија, еднаш министер за одбрана, како и вицепремиер за евроинтеграции.