Полицијата дозволила сценариото да се развива и таткото да ги остави бараните пари на наведената локација, по што наводно грабнатиот син се вратил дома. По ова, полицијата го повикала на разговор 29-годишното момче кое ја признало измамата
Педесет и седум годишен жител на беровското село Будинарци вчера пријавил дека добил смс-порака со барање да плати откуп од 10 000 евра ако сака да повторно да си го види синот.
Но, при проверката, полицијата утврдила дека воопшто не станува збор за грабнување, туку дека е сценарио кое го направило лично неговиот 29-годипен син за да изнуди пари од татка си.
„Тој во текот на вчерашниот ден самоволно измислил и фингирал сопствено наводно грабнување, за кое изјавил дека го сторил од финансиски причини. Неговиот татко вчера околу 18.00 часот во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово пријавил дека добил смс-порака од телефонот на неговиот син, со која се барало изнуда од 10 000 евра за да биде пуштен неговиот син“,
соопштија од МВР.
Порака со слична содржина на „месинџер“ добила и неговата снаа, по што семејстото било повикано на разговор.
Но полицијата дозволила сценариото да се развива и таткото да ги остави бараните пари на наведената локација, а наводно грабнатиот син се вратил дома. По ова, полицијата го повикала на разговор 29-годишното момче кое ја признало измамата.
По целосно комплетирање и документирање на настанот, до Основното јавно обвинителство Кочани ќе биде изготвен и доставен поднесок по член 258 од Кривичниот законик за „изнуда“ против 29-годишниот беровец кој е приведен.
