Според направената проценка, набавката на целата опремата за идентификација на гласачите би чинела околу 5 милиони евра, а претседателот на ДИК посочува дека, првенствено, треба да се набават околу 5 илјади скенери за отпечатоци од прст
Во февруари минатата година, десетина дена пред распуштањето на претходниот собраниски состав, речиси нечујно поминаа измените на Изборниот законик што ги договорија парламентарните партии, а кои предвидуваа и набавка на скенери за отпечатоци од прст, како модел за идентификација на гласачите, кој постепено треба да ги замени спрејот и УВ-лампите.
Затоа, пак, во последниве денови опозицијата мошне гласно зборува за (не)исполнување на обврската што тогаш беше оставена за локалните избори, кои треба да се одржат оваа есен. Во оптек е ставена и можноста ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира изборите – доколку не бидат набавени скенерите, за што веќе се водат и разговори меѓу новиот состав на ДИК и МВР, кое би требало да го обезбеди софтверот со податоци за граѓаните, доколку се направат нови измени во Изборниот законик што ќе го дозволат тоа.
Треба да се набават скенери за над 3 илјади избирачки места
Александар Даштевски, новиот претседател на ДИК, вели дека треба да се набават околу 5 000 скенери за отпечатоци за прст – за сите над 3 000 избирачки места во земјава, како и резерва. Скенерите би биле поврзани со компјутер за читање на податоците на гласачите, додека софтверот со податоците, се надева дека ќе биде обезбеден во соработка со МВР, за што тој веќе имаше средба со министерот Оливер Спасовски.
„Независно од тоа дали ќе биде набавена опремата, спрејот и УВ-лампата би останале и за овие избори, затоа што сѐ уште се предвидени во Изборниот законик. Сепак, овој начин на проверка на гласачите би станал непотребен со набавка на опремата за читање отпечаток на прст која ги дава сите податоци“,
изјави Даштевски за „360 степени“.
Тој посочува дека, според направената проценка, за набавката на скенерите и другата опрема што е потребна за „читање“ на отпечатоците од прст би биле потребни околу 5 милиони евра – ставка што засега не е предвидена во годинешниот буџет на ДИК.
Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави пред неколку дена дека за локалните избори ќе нема финансиски пречки, а во буџетот има средства за која било фаза во процесот, како што е предвидено во Законот.
„Јас одговорив на нивното писмо дека можат да ги спроведат сите постапки, доколку ценат дека можат да стигнат во временскиот рок, а исто така доколку сметаат дека, согласно со протоколите, можат тоа да го реализираат во текот на оваа година“,
рече Бесими.
„Фингерпринт“ на изборите во Црна Гора, БиХ, Албанија…
Дашевски вели дека Албанија, која неодамна исто така ги воведе отпечатоците од прст како модел за идентификација на избирачите, потрошила околу 20 милиони долари за набавка на скенери и другата опрема.
Тој посочува дека во регионот овој модел за идентификација за време на избори функционира и во Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Членови на претходниот состав на ДИК, пак, како што вели, биле во посета на Ерменија за да видат како се одвива процесот на идентификација со отпечаток од прст таму.
„Би било срамно за една држава да не може да спроведе една ваква новина, која гарантира поголема заштита на избирачкото право и ги елиминира можностите за нерегуларности на изборите. Особено ако тоа е предвидено како законска обврска, освен ако законодавецот (Собранието) не одлучи да го смени тоа или да го одложи процесот“,
изјави Даштевски за „360 степени“.
Како ќе се користи опремата за идентификација на гласачите
Новиот член 108-а во Изборниот законик прецизно го регулира начинот на идентификација и проверка на гласачите преку отпечаток од прст.



Прашањето за опремата за отчитување на отпечатоци од прст го отвори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прво во функција на претстојниот попис, а потоа тврдеше дека Владата не одговара на барањата на ДИК за набавка на скенерите.
Закани со изборен бојкот
Следуваа најави за можен опозициски бојкот на локалните избори, додека, од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ бара заедно со изборите за градоначалници и за советници да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Премиерот Зоран Заев, пак, оцени дека со апарати за отпечатоци на прсти ќе се зголеми довербата во процесот на гласање. Тој рече дека МВР е подготвено да ја сподели базата со ДИК и нема пречки за да се реализира тоа.
Во декември минатата година, ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на дополнителните избори за градоначалници во Штип и во Пласница. Претходно, инсистираше на одложување на предвремените парламентарни избори, така што едвај беше закажан новиот термин за нивно одржување – на 15 јули, откако април отпадна како варијанта, поради ковид-кризата.
Локалните избори би требало да се одржат во октомври, четири години по изборот на досегашните градоначалници и советници во општините – на 15 и на 29 октомври (втор круг) 2017 година. Според тоа, изборите би требало да бидат за распишани во јули, до кога би можела и да трае постапката за евентуални нови измени на Изборниот законик.