ВМРО-ДПМНЕ и денеска порачува дека нема да поддржи попис бидејќи според начинот на кој СДСМ планира да го одржи ќе излезат нереален број на жители односно ќе можат да се избројат дури и 3 милиони.
„Тие терминали ќе бидат со можност за отисок од прст и само така ќе се изврши реален попис, кој ќе ни даде реални статистички информации. Со терминали за отисок од прст ќе се изврши реален увид на сите резидентни граѓани, и со тоа ќе се изврши дистинкција од граѓаните кои имаат државјанство, од актуелните резиденти“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Зачестените реакции на опозицијата во врска со пописот доаѓаат откако во петокот Владата одлучи да го повлече предлог-законот за попис од Собранието и да го поднесе повторно, но со европско знаменце за да спречи блокада од ВМРО-ДПМНЕ.
- Со европско знаме, законите за попис и за Агенција за разузнавање ќе се бранат од опозициска блокада во парламентот
- Мицкоски: Нема да поддржиме попис каков што планира Заев
Што предвидува предлог-законот?
Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите, кој веќе е во собраниска процедура, беше поднесен во мандатот на претходната влада на СДСМ и ДУИ, но беше заглавен година и половина.
Во документот на официјалната веб-страница на Собранието датумите за извршување попис се однесуваат на 2020 година бидејќи тој првично беше планиран да се спроведе оваа година, но поради несогласувањата меѓу партиите, а потоа и предвремените избори, плановите се поместија за в година.
Според одредбите во предлог-законот, предвидено е да се попишуваат: државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата без разлика дали во моментот на попис се во земјава или во странство; странски државјани кои престојуваат тука со одобрение за престој; и, лица без државјанство кои во моментов на спроведувањето на пописот ќе бидат затекнати во земјава.
За државјаните на Северна Македонија кои се со престој во странство предвидено е податоците да може да ги дава полнолетно лице на кое иселеникот му е најмногу познат, и притоа оној што ги дава податоците ќе треба да го даде и својот и матичниот број на тој што е во странство. Исто така, за овие лица се предвидува и можност сами да се попишат преку посебна апликација на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
Пописот нема да ги опфати претставниците на странските дипломатски конзуларни претставништва и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал, странците кои во тој момент ќе бидат во земјава заради службен пат, приватна посета, лекување, како туристи …