Во меѓувреме, вечерва, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ забележа дека неговата партија не е во можност да го блокира со амандмани и законот за одржување на пописот во април следната година
Законите за попис и за Агенција за разузнавање подготвени од Министерството за правда, се враќаат во Собранието со европско знаменце. Односно, тие ќе се носат преку Комисијата за европски прашања, со ограничено траење на амандманската расправа – на два дена, така што ќе се избегне опозициска блокада.
На вечерашната седница, Владата, како што соопштија оттаму, донела одлука, заради посебен јавен интерес, предлог – законот за попис на населението, домаќинствата и становите за 2021 година и предлогот на закон за Агенцијата за разузнавање во Собранието да бидат усвоени со постапка предвидена за закони со европско знаме.
Пред неколку дена, Собранието ја изгласа потребата од донесување закон за попис, за, и во првата фаза, расправата одеше преку Комисијата за европски прашања. Опозицијата и тогаш негодуваше поради тоа што законот е предложен со европско знаме.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави вечерва дека неговата партија нема да признае попис според сегашниот предлог-закон. Тој рече дека опозицијата ќе поднесе амандмани во финалната фаза, ама дека не може да го блокира донесувањето на законот, затоа што тој се носи според процедура предвидена за регулатива што произлегува од европските директиви.
Владата, на денешната седница, разгледала и информација со предлог за продолжување на набавката на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата со склучување амандман/анекс на Договорот меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави. Донесена е одлука да се продолжи со реализацијата на овој Договор, со прифаќање на понудата од 21 декември 2020 година.
Министерството за одбрана е задолжено, веднаш по потпишувањето на амандманот/анексот на договорот, да изврши уплата на договорените финансиски средства од буџетот на МО за 2020 година во висина од 762 милиони денари до Владата на САД.
Заклучоците за потребата од склучување анекс на Договорот со Владата на САД за набавка на лесни оклопни возила за потребите на Армијата на Северна Македонија ќе бидат доставени како информација до Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието.