Во седиштето на ДУИ во Мала Речица синоќа беше еуфорично. Се славеше бидејќи партијата успеала да врати дел од изгубените гласови на минатогодишните парламентарни избори.
За Теута Арифи, која се бори за втор мандат како градоначалник на Тетово, исходот од битката во вториот круг е веќе извесен.
„Заради учеството на многу парти,и гласовите се поделија и овој процес не успеа да заврши во првиот круг. Ако не бевме толку многу кандидати, овој процес ќе завршеше уште во првиот круг и тоа во моја полза како кандидат на ДУИ,“ изјави Арифи.
Задоволни од резултатите синоќа беа и во Беса. Лидерот Билал Касами констатираше дека неговата партија е единствена со чисто албански гласови, додека други имале поддршка од македонските коалициски партнери.
„Она што сакам да го нагласам е дека политичката сцена во Македонија е реконфигурирана бидејќи во повеќето албански општини движењето Беса оди во втор круг и ова не прави партија со најсериозна можност да ги добиеме повеќето албански општини,“рече Касами.
На крајот од изборниот ден, на плоштадот во Тетово, обично слави партијата која има најдобар резултат. Но, овој пат не беше така. Центарот на градот остана празен. Ова множеби најдобро ја отсликува неизвесноста за тоа на кој од двата кандидати во вториот круг од локалните избори тетовци ќе му ја дадат довербата во надеж дека ќе ги реши проблемите со кои се соочува нивниот град.
Ден по изборите, дел од граѓаните имаа надеж, за други, пак, Тетово е безнадежен град.
„Треба да се гласа за кандидатот кој има најдобра програма и кој нуди најдобри решенија за сите проблеми што ги имаат тетовци.“
„Да дојде некој кој ќе ги реши тие проблеми со губриштето, со сообраќајот…“
„Очекувавме се и сешто, меѓутоа, истите луѓе сме, па сега не очекуваме ништо,“ рекоа жителите на Тетово со кои поразговаравме.
Теута Арифи влегува во вториот круг со околу 4500 гласови предност пред Билал Касами. Арифи освои 3000 гласа повеќе од листата за советници на нејзината ДУИ. Претпоставките се дека тоа најверојатно се гласачи на СДСМ, која не излезе со кандидат за Тетово, а вчера доби околу 4.100 гласови на советничката листа.
И Касами има подобар личен резултат отколку неговата партија во Тетово. Разликата е околу 1600 гласови плус на неговото конто. Пред вториот круг, и тој и Теута Арифи ќе се обидат да придобијат дел од 20-те илјади гласа што ги освоија Алијанса за Албанците, ДПА и ВМРО ДПМНЕ. Пред нив се две недели за кампања и преговори.