Дел од земјите почнуваат со подготовки за враќање во секојдневието од пред пандемијата на коронавирусот. Некои од нив ги најавија или веќе ги практикуваат првите чекори, пишува Си-ен-ен.
Луѓето во Чешка сега може да купуваат производи и од продавниците кои не се наменети само за храна, може да играат тенис и да одат на пливање.
Австрија планира да ги отвори помалите продавници веднаш после Велигден. Данска ќе ги отвори повторно градинките и училиштата од следната недела, доколку состојбата со коронавирусот остане стабилна. Децата во Норвешка ќе се вратат во градинките за две недели.
Иако, Данска одлучи да ги врати децата во училиштата од следната недела, таму животот сепак ќе изгледа далеку од нормалниот.
„Многу ограничувања ќе останат во сила, како забраната за собирање на повеќе од 10 лица која важи до 10 мај. Исто така затворени ќе останат сите кина, театри и трговски центри. Сите фестивали и големите собири ќе бидат забранети до август. Границите на Данска ќе останат затворени“,
рече премиерката Мете Фредериксен.
Во Чешка се отворија продавниците за градежни материјали, продавниците за велосипеди и сервисите за поправка на велосипеди. Се отвораат и објектите за индивидуални спортови на отворено, но под услов да нема повеќе од две лица на ист простор и да не се користат тушевите и шкафчињата.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц оваа недела објави дека земјата се подготвува за „воскресение“ по Велигден, со повторно отворање на некои помали продавници од 14 април. Но, сега ќе бара од луѓето да носат маски за лице во супермаркетите и во јавниот транспорт.
Премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, рече дека од 20 април ќе почне да се отвораат училиштата и како што најави, идејата е сите учелено постепено да се вратат во училишните клупи до почетокот на летото.
„Владата верува дека најновите статистички податоци даваат основа за ‘претпазлив оптимизам’, што укажува дека состојбата со вирусот е под контрола“,
вели Солберг.
Германската канцеларка Ангела Меркел, речче дека ублажувањето на мерките ќе се заснова врз поширока научна студија која ќе биде објавена следната недела.
Д-р Питер Дробац од Оксфордската бизнис школа, вели дека потезите на земјите во насока на ублажување на ограничувањата се надежни и важни.
„Сè уште имаме многу за учење за тоа како е најбезбедно и најефикасно да се вратиме на нормалниот живот“,
вели Дробац.
Од Светската здравствена организација, сметаат дека секое укинување на ограничувањата може да донесе нов ризик.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, предупреди дека Европа сè уште е во загрижувачка состојба и инсистираше дека сега не е време за намалување на мерките.