Откако за краток период петмина познати осуденици ја искористија истата законска дупка за затворската казна да ја издржуваат во затворот во Струга што е од отворен тип, работна група разгледува можни решенија за измени во Законот за извршување санкции, објави телевизија „Телма“
Едно од решенијата, според експертите, е менување на адресата да стане ирелевантно, односно местото каде ќе се издржува затворската казна да се гледа според живеалиштето кое го имал осудениот во моментот кога почнала кривичната постапка против него
Осудените за перење пари, злоупотреба на службената положба и други потешки кривични дела сторени со умисла да не можат да издржуваат казна во затвор од отворен тип без разлика што казната им е до 3 години. Во затворот во Струга кој е единствен од отворен тип да може да одат само оние кои сториле кривични дела од небрежност како што се сообраќајките и други полесни дела.
Ова е едно од можните решенија кои ги разгледувала работната група што треба да изврши измени на Законот за извршување санкции на состанокот неделава, објави телевизија „Телма“.
Во актуелниот закон оставен е простор за многу поголем опфат на кривични дела и осуденици.
„Во установа од отворен вид се извршува казната затвор за осудени лица за кривични дела извршени од небрежност и за други кривични дела на осудени лица на казна затвор до три години, доколку основано може да се очекува дека постапувањето во овие установи одговара на карактерот на кривичното дело и личноста и дека во овој вид установа со чувство на лична одговорност ќе ги извршуваат своите обврски и нема да го злоупотребат престојувањето“,
се вели во членот 46 од Законот за извршување санкции.
Злоупотребите со затворскиот туризам досега главно се правеа со менувње на адресата во последен момент од Скопје во Охрид. Со тоа осудените добиваа бенефиции преку ден да се надвор од затворот за да работат, а да се враќаат навечер.
Едно од решенијата, според експертите, е менување на адресата да стане ирелевантно, односно местото каде ќе се издржува затворската казна да се гледа според живеалиштето кое го имал осудениот во моментот кога почнала кривичната постапка против него.
Тоа сега е регулирано во член 137 и се смета на моменталното живеалиште, а доколку биде предложен овој модел би се користела адресата која осудениот ја имал во моментот на отворање на истрагата против него.
„Надлежен орган за преземање на потребните дејствија заради извршување на казната затвор е судијата за извршување на санкциите според местото на живеалиштето, односно престојувалиштето на осуденото лице“,
стои во членот 137 од законот.
Министерот за правда Никола Тупанчески најави законски измени откако за краток период 5-мина познати осуденици ја искористија истата законска дупка – Зоран Милески Кичеец, Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков и Тодор Мирчески.
Тие ги користеле погодностите на Законот за извршување санкции за да ги лежат казните во единствениот затвор од отворен тип, а доколку биле во Скопје ќе лежеа во Шутка.
Последен кој влезе во струшкиот затвор минатиот месец беше екс првиот човек на УБК, Сашо Мијалков кој еднаш го одложи упатниот акт поради здравствени причини.
„360 степени“ три дена ги следеше и регистрираше случувањата околу популарниот струшки затвор. ВИП-станарите ги немаше меѓу оние што излегуваат наутро за да одат на работа и се враќаат навечер за да преспијат. Директорот Ваљон Ќура вели дека одговорно може да тврди оти привилегирани осуденици нема, како и дека куќниот ред целосно се почитува.
Жители на струшката населба Теферич сведочат за неред и бегства од затворот. Тие бараат негова дислокација зашто е сместен среде населбата и на прометна улица. Директорот Ќура вели дека овдешните осуденици се од низок ризик, а дека и тој би сакал помодерен и пофункционален објект на друга локација но, како што вели, за тоа одлучуваат други инстанци.