Обдукцијата покажала дека смртта била насилна

Основното јавно обвинителство соопшти детали за смртта на 48-годишната жена чие тело, во фаза на распаѓање, беше пронајдено синоќа.
Оттаму велат дека дежурен јавен обвинител од ОЈО Скопје и екипи на МВР ноќеска вршеле увид на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци, каде што беше пронајдено безживотно тело на жена од Таор.
„Жената била пријавена за исчезната во петокот, по што беа преземени дејствија за нејзино пронаоѓање. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што потврдено е дека смртта е насилна. Под сомненија за сторено кривично дело лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели. Се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот“,
велат од Обвинителството.
Претходно, полицијата соопшти дека првично, на 26 јуни С. Г.(51), со престојувалиште во Таор, пријавил дека од домот се оддалечила Ж. Г., со која живееле во иста куќа. Следниот ден ја известил полицијата дека ја пронашол почината во близина на селото Летевци.
Со него е извршен службен разговор и тој е лишен од слобода, а во врска со случајот приведени се и З. М. (62), Г. Б. (64) и М. Д. (69).
„Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“,
соопшти Министерството за внатрешни работи.
