Дваесет и седумгодишен скопјанец доби 30-дневен притвор, откако Основното јавно обвинителство поведе постапка за постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
„Дрогата била пронајдена од полициски службеници кои на автобуска постојка во Хиподром извршиле личен претрес на осомничениот и на возилото ‘Опел вектра’ кое го управувал. Пронајдени биле повеќе паковки со наркотична дрога марихуана, два шприца со течна материја и една дигитална вага со остатоци од дрога“,
информираат од Основното јавно обвинителство.
Овластени службени лица извршиле претрес и во домот на осомничениот во скопско Булачани, каде била пронајдена лабораторија за производство на наркотична дрога марихуана. Осомничениот ја набавил опремата и самиот ја инсталирал со цел неовластено да произведува, а потоа и да продава дрога.
Заедно со опремата, биле пронајдени повеќе паковки со дрога, две кутии со семиња од канабис, како и 69 саксии со засаден канабис.
„Заедно со донесената Наредба за спроведување истражна постапка, јавниот обвинител достави предлог до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за определување на мерката притвор на осомничениот, бидејќи постојат основи дека осомничениот ќе се даде во бегство и дека ќе го повтори кривичното дело. Судот донесе решение со кое ја определи предложената мерка, во траење од 30 дена“,
информира ОЈО.