Лековите во форма на таблети кои се пронајдени во возилото во кое бил затекнат полскиот државјанин биле без соодветна документација за потекло и за нивен транспорт
Педесет и деветгодишен полски државјанин вчера е приведен од македонската полиција откако во возилото „мерцедес“, во кое бил затекнат, била пронајдена поголема количина лекови во форма на таблети, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во полициското соопштение се наведува дека лековите во форма на таблети кои се пронајдени во возилото биле без соодветна документација за потекло и за нивен транспорт.
„На 05.12.2023 во 16:25 часот од страна на полициски службеници од СВР Скопје – Полициско одделение Сарај, поточно во близина на езерото Треска, приведен е Л.В.П. (59), полски државјанин. Тој бил затекнат со патничко возило „мерцедес“, со полски национални ознаки, а при извршена проверка било констатирано дека нема пријавен престој во државата, додека при преглед во возилото била пронајдена поголема количина на лекови во форма на таблети без соодветна документација за потекло и за нивен транспорт“,
се вели во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека по документирање на случајот против 59-годишниот Л.В.П. ќе биде поднесен соодветен поднесок.