Спасовски денеска изјави дека МВР смета оти се исполнети условите да се одреди мерка притвор. Според соопштението од Министерството, пак, против Алабаковски ќе се поднесе кривична пријава за делото предизвикување општа опасност – член 288 став 1 од КЗ, за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за откривање на лицето што го запали влезот на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола изминатите денови се презеле интензивни мерки и криминалистички активности, а при синоќешниот претрес во неговиот дом и други простории што ги користело лицето пронајдени се предмети, меѓу кои и облеката за која надлежните се сомневаат дека ја носело кога го подметнало пожарот.
Спасовски во изјава за медиумите не сакаше да го открие идентитетот на лицето туку само ги потврди иницијалите Л.А. и возраста – 34 години. Меѓутоа, како што е познато во јавноста, извори од истрагата потврдија дека станува збор за пејачот Ламбе Алабаковски.
„Се преземаа криминалистички активности во овој дел, беа извршени многу службени разговори, се прегледа многу материјал од видеонадзор. И на основа на сите овие информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело. Доцна синоќа по наредба на судот, а по предлог на СВР Битола и надлежен обвинител извршен е претрес во домот и неколку други објекти кои ги користи сторителот. Пронајдени се облеката и други предмети кои се доверуваат во врска со кривичното дело, тоа значи дека имаме неспорни и несоборливи докази“,
вели Спасовски.
Министерот, исто така, рече дека МВР бара да се одреди и притвор за осомничениот бидејќи смета дека се исполнети условите. Дали пејачот ќе заврши во притвор, пак, ќе одлучи Основниот суд во Битола.
Претходно, тој преку социјалните мрежи посочи и дека сторителот по приведувањето синоќа, го признал делото.
Според соопштението кое го објави прес-службата на МВР, пак, Алабаковски ќе се гони за делото предизвикување општа опасност.
„Лицето е приведено во полициска станица и при извршен службен разговор во целост го признало делото, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл. 288 ст. 1 од Кривичниот законик (КЗ)“,
соопштија од МВР.
За делото од член 288 став 1 од КЗ кое го наведоа од Министерството, е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.
„Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“,
пишува во став 1 од членот 288 од КЗ.

Влезот од клубот во Битола беше запален во утринските часови на 4 јуни, а случајот наиде на осуда од македонските и од бугарските власти. Увид на местото на настанот изврши и обвинител од Основното јавно обвинителство кој даде наредба за вештачење, како и за обезбедување на снимките од безбедносните камери во околината.
Поврзани вести:
- (ФОТО) Запален влезот на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола
- ОЈО: Издадени наредби за откривање на сторителите на опожарениот културен центар во Битола
- Ковачевски: Во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо
- За Генчовска пожарот во Битола е подметнат намерно и ладнокрвно, очекува судството да си ја заврши работата